„Здружението на новинарите на Македонија изразува сериозна загриженост и најостро го осудува прислушувањето на новинари со што брутално е суспендиран правниот поредок на земјата и масовно се кршени основните човекови права и слободи.
Прегазено е правото на слобода на изразување, приватност на новинарите и правото на тајност на изворите на информации кои се предвидени во македонскиот Устав. Жртви на прислушувањето не се само новинарите, туку се сите граѓани затоа што целта на следењето било да се спречи објавувањето на битни информации во јавноста.
Ваквото насилство врз новинарите и врз слободата на медиумите во демократски општества не поминува неказнето. Го повикуваме Јавното обвинителство сериозно да ги разгледа објавените докази за прислушување на новинари и да покрене соодветни постапки.
Премиерот Никола Груевски, министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска и директорот на УБК Сашо Мијалков мора да дадат оставка, без разлика кој го нарачал прислушувањето. Тие се должни да спречат вакво масовно кршење на уставните права и слободи на граѓаните. Нивното заминување од функцијата ќе помогне да се расчисти целиот случај.
Од објавените разговори меѓу министри и владини функциониери со сопственици на медиуми и уредници, се потврдија ставовите на ЗНМ јавно соопштени во многу прилики во изминатите години дека медиумите во Македонија не се слободни и се заложници на интересите на власта и на сопствениците на медиумите.
Се откри една јавна тајна дека власта со јавни пари ги купува највлијателните медиуми за потребите на дневната партиска пропаганда. Повеќе нема сомнеж дека владините кампањи служат за промоција на општиот интерес, туку се средство кое на власта им овозможува да ги уредува вестите на телевизиите. Ваквата практика мора да престане веднаш. Владата треба да ги суспендира сите владини кампањи во медиумите се додека не се расчисти овој скандал.
Прислушувањето на новинари го компромитира медиумискиот систем во Македонија и го претстави во вистинско светло, како корумпиран и целосно зависен од политиката. Бевме сведоци дека највлијателните медиуми не информираат, туку се средство за манипулација со граѓаните. Ваквата злоупотреба мора да престане и да се санкционира.
Единствен излез од ваквата апсурдна состојба е воспоставување на нов медиумски систем и нови контролни механизми на политичкиот систем, кој ќе гарантира независност и слобода на медиумите и ќе спречи нивна злоупотреба во иднина од политиката и бизнисот“, изјави претседателот на ЗНМ, Насер Селмани.