ЗНАМ: Пендаровски и Ковачевски со контра изјави за едно од најчувствителните политички прашања во поновата македонска историја

by irena 13:48
13:48

Македонската јавност деновиве е сведок на рускиот рулет во СДСМ во кој од епизода во епизода се отвораат нови прашања, а одговорите стануваат се поконтрадикторни, стои во соопштението на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија.

Во рок од неколку дена, сведоци сме на две изјави од двајца поранешни носители на највисоките државни функции кои не можат истовремено да бидат точни. Станува збор за изјавите на поранешниот претседател на Републиката, Стево Пендаровски и на поранешниот Претседател на Владата и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски.

„Изјави кои отвораат прашање кое директно ја засега политичката историја на државата, начинот на кој биле носени одлуките и степенот на искреност што граѓаните ја добивале од тогашната власт предводена од СДСМ и ДУИ. Во своето интервју, Пендаровски јавно откри дека во периодот кога се барало решение за обезбедување мнозинство за уставните измени постоеле разговори и сценарија поврзани со можноста за враќање на Никола Груевски во Македонија. Тој вели, цитирам: „Во тој момент Груевски има само два начина како ќе се врати: помилување или закон за амнестија, бидејќи има две правосилни пресуди. Со измени у КЗ не можеш да го вратиш. Втората теза е уште полуда. Груевски се враќа тука, ја расцепува партијата на два дела, да гласаат за Бугари во Устав, и после тоа, тезата продолжува на крај и вели: А од тоа ќе има ќар и владеачката партија тогаш, СДСМ, бидејќи така полесно ќе го победи ВМРО на избори, раздвоено ВМРО” – велат од ЗНАМ.

Од Движењето со став дека „ова веќе не е обична политичка дебата. Ова е прашање за можен партиско-политички инженеринг врз правосудниот систем и врз институциите на државата. Ако во кабинетот на претседателот на државата, во Владата или во највисоките центри на политичка моќ се разговарало за помилувања, амнестии или законски решенија со цел да се обезбедат политички договори и парламентарни мнозинства, тогаш станува збор за сериозен институционален и демократски проблем“.

„Од друга страна, уште поголемо внимание предизвикува изјавата на поранешниот премиер Димитар Ковачевски, кој категорично тврди, цитирам: „Ресавска школа ние не сме, не ми дозволува нивото, ниту политичката култура да коментирам било каква средба. СДСМ, во време кога јас сум бил Претседател, немал никаква намера да прави било каква коалиција или политички аранжман со било кој поранешен премиер во Република Македонија. Со ниту еден не е разговарано, ниту во СДСМ се водени било какви разговори во таа насока“ велат од ЗНАМ.

Сметаат дека „јасно е дека станува збор за две суштински различни верзии на вистината. Од едната страна имаме поранешен Претседател на државата кој зборува за сценарија поврзани со помилување и враќање на Никола Груевски со цел да се влијае врз процесот на уставните измени, додека од другата страна имаме поранешен Премиер кој тврди дека немало никакви разговори, никакви политички аранжмани и никакви активности во таа насока“.

Од Движењето го повикуваат „прозваниот поранешен лидер на СДСМ, Зоран Заев, да одговори на прашањата кои се провлекуваат и остануваат без одговори. Дали постои УСБ стикче кое патувало на релација Будимпешта – Скопје? Што содржело? Кој го испратил? Кој го примил? Дали токму преку такви неформални канали биле отворени политички сценарија кои подоцна влијаеле врз носењето на одлуки во државата? Дополнително ги прашуваме СДСМ и ДУИ: Дали од тие средби постојат службени белешки? Дали биле водени записници? Дали постојат стенограми? Кои лица присуствувале на тие разговори? Дали биле информирани надлежните институции? Дали одредени политички договори влијаеле врз контроверзните измени на Кривичниот законик и врз процесите кои подоцна ја потресоа довербата на граѓаните во правосудниот систем?“.

Слични вести