Бизнисменот Чифлигароски, осомничен во ,,Синџир”, оди во куќен притвор

by valentina 17:34
17:34

Стојан Чифлигароски од притворот во ,,Шутка”, оди во куќен притвор, по одлука на судот, а по позитивно мислење од Обвинителството за гонење на организиран криминал и клрупција.

-Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, даде мислење дека основан е предлгот на одбраната на осомничениот Стојан Чифлигaроски, мерката притвор да биде заменета со мерка куќен притвор.

Кривичниот совет постапувајќи во границите на предлогот на одбраната и позитивното мислење на обвинителствотот, донесе одлука со која го прифати предлогот на одбраната како согласен предлог меѓу странките и мерката притвор ја замени со мерка куќен притвор.

Истовремено определи мерка на претпазливост-одземање на важечките патни исправи на осомничениот (две патни исправи).

Оваа одлука се темели на наведеното во позитивното мислење на обвинителството во кое е наведено дека истражната постапка е во завршна фаза, како и заради здравствената и семејна состојба на осомничениот, поткрепено со медицинска документација.

Против истата странките имаат право на жалба во рок од 24 часа од приемот, а жалбата не го одлага извршувањето, информираа од Кривичниот суд.

Чифлигароски се врати во Македонија на 22 септември годинава. Тој се предаде по повеќегодишно бегство и се бараше со централна потерница распишана по наредба на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција.

Бизнисменот од Битола е осомничен во предметот „Синџир“, во кој првично беа обвинети 22 сопственици и директори на 19 фирми, кои со меѓусебно издавање на фактури за фиктивни стоки и услуги за помалку да платат или да не платат ДДВ, од почетокот на 2019 до крајот на 2021 година, го оштетиле буџетот за 8 милиони евра.

В.В.

Слични вести