Првиот генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Борис Змејковски, во изјава за Фокус вели дека авторот на книгата за него насловена „Борис Змејковски – современиот Даме Груев“, Бранислав Синадиновски, никогаш не се изјаснил како Албанец во негово присуство.
– Денес сите сакаат да се нарекуваат основачи на ВМРО-ДПМНЕ, па и Синадиновски, иако е јасно запишано кои се тие. Сепак, тој во првите години на ВМРО-ДПМНЕ, кога беше кандидат за пратеник и министер во владата во сенка, никогаш не се изјаснил како православен Албанец. Тоа не го направил ниту за време на нашата комуникација кога ја пишуваше книгата – тврди Змејковски, не сакајќи да претпоставува дали тој тогаш го затскривал своето национално чувство, или, пак, станува збор за нешто друго.
Инаку, Синадиновски периодов стана актуелен со изјаснувањето како православен Албанец и барањето за формирање на албанска православна црква во Македонија, што наиде на жестоки реакции кај многумина, па и кај неговата родена сестра.