Златко Марин: Зграда пред Мајчин дом не треба да има, ги поддржувам граѓаните во протестот

by fokus

Ситуацијата со парцелата пред Мајчин дом е затекната и наследена, се обидовме на сите начини да ја смениме, но не успеавме, изјави градоначалникот на Општина Аеродром, Златко Марин, денеска на прес конференција пред најавениот протест на граѓани кои ќе се соберат пред парцелата денеска во 17 часот.

Марин изјави дека ги поддржува граѓаните да излезат на протест и дека е на нивна страна.

-Мојот став за ова прашање е непроменет. Зграда пред Мајчин дом не треба да има. Фактите се дека претходното раководство на Општината предводено од ВМРО-ДПМНЕ го донесе овој ДУП без најава и без дебата. Ние направивме ревизија, а пред Уставниот суд се доставени 13 претставки по однос на ДУП-оти. Аеродром до судот ги достави и сите потребни документи, но до денеска нема одлука, Уставен суд ниту го стави ДУП-от во мирување, ниту го поништи – изјави тој.

Како што рече градоначалникот мораториум за градежни активности на територијата на Општината не е решение, бидејќи тоа не постои како опција во законот. Ги посоветува новинарите да го прашаат градоначалникот на Центар како донел мораториум на градбите во неговата општина, иако тоа не постои во законите.

Според него планот со кој се предвидува изградба на зграда со девет ката пред Мајчин дом е донесен во април минатата година од претходната власт. Градежната дозвола е издадена во октомври, а правосилноста е добиеа вчера.

На приземјето е предвидено да има деловен простор, а останатите осум ката да бидат за станбено домување.

Вели дека размена на земјиште не може да се направи бидејќи инвеститорот бара огромна сума на пари, што би ја блокирало Општината следните четири години. Парцелата, рече тој, е купена за 2.700.000 евра, а за да се откаже од градбата инвеститорот во неврзани разговори бара над 8.000.000 евра.

-Знаев дека ќе дојде до ваква реакција кај жителите на Аеродром. Затоа вечерва повикувам претставници од протестот да дојдат кај мене во Општината да разговараме и да се разбереме подобро – рече тој.

Марин додаде дека не може ни да се избрише маркичката од ДУП-от затоа што со правилник донесен во 2015 година од претходниот министер за транспорт, Владо Мисајловски, ниедна парцела не може да се избрише или да се намали нејзината големина.

Поврзани новости