Изборот за Народен правобранител не е никаква компензација за моето учество на парламентарните избори како кандидат за премиер на ДУИ, тврди новоизбраниот народен правобранител Насер Зибери.
-Јас доброволно прифатив да бидам номиниран за можен кандидат за премиер, но изборните резултати дадоа таква конфигурација и резултатот е тој што е, се знае кој е премиер. Сам се пријавив на огласот за Народен правобранител, Собранието ме избра и од формално – правна гледна точка целата работа се заврши согласно прописите – вели Зибери во интервју за Радио Слободна Европа.
Воедно, тој исто така ги отфрли критиките од опозицијата дека е „правобранител на ДУИ“ и дека тешко оти може да се очекува тој да биде против нивните функционери.
-Законот во ниту една одредба не забранува кандидат кој бил номиниран за можен премиер да нема право да се кандидира за функцијата Народен правобранител. Тоа е прво и второ, Законот за Народен правобранител вели дека Народниот правобранител во вршењето на својата функција, должност и овластување е самостоен и како таков јас ќе бидам во извршувањето на моите надлежности – уверува Зибери.