Пратеникот од ВМРО –ДПМНЕ, Петар Ристески и член на собраниската комисија за здравство, во вечерашната Топ Тема, најави дека партијата дополнително, на координација на пратеничката група ќе ги разгледува предложените мерки од Комисијата за здравство за справување со пандемијата Ковид-19.
Тој не сакаше директно да одговори, дали за ВМРО-ДПМНЕ, се прифатливи мерките како што се ограничувањето на работното време на економските субјекти, ограничување на примањето на гости на граѓаните, намалување на бројот на луѓе кои може да се превезуваат со јавниот превоз и носењето маски на отворено.
Ристески не сакаше да ја коментира ниту изјавата на членот на извршниот одбор на ВМРО-ДПМНЕ, инфектологот Вело Марковски, кој оцени дека корона вирусот не е опасен.
Пратеникот Ристески ја критикуваше и власта за непринципиелност, особено министерот за здравство, Венко Филиче, оценувајќи дека во моментов не се толку потребни рестрикции , колку што се потребни оставки, посочувајќи го како доказ влошувањето на состојбата со епидемијата корона вирус.
Сепак Ристески изјави дека опозициската партија ќе ги поддржи сите предложени мерки кои се во интерес на граѓаните и нивната заштита.
Претседателот на собраниската комисија, пратеникот од ДУИ Арбен Зибери, кој ја вршеше и функцијата директор на центарот за јавно здравје Скопје, најави дека по ставањето на дневен ред на законските измени за заштита на населението од корона вирусот, веднаш ќе закаже седница на собраниската комисија за здравство. Според Зибери, овие мерки се предлагаат врз основа на развојот на ситуацијата на терен, додавајќи дека овие решенија се предлагаат од страна на здравствени експерти, епидемиолози и виролози , стручни лица кои го имаат предвид најдобриот интерес на граѓаните.
Тој подвлече дека оваа ситуација не треба да се гледа од политички мотиви, оценувајќи дека и други европски држави, како Германија и Франција, преку ноќ ги менуваат мерките врз основа на ситуацијата на терен. Оваа битка не можат да ја водат само здравствените работници, туку неопходна е помош од граѓаните кои мора да ги почитуваат мерките за справување со епидемијата.