Народниот правобранител не е Комисија за заразни болести, но има право да дава препораки како образовниот процес да биде квалитетен и нашите укажувања се најдобронамерни, рече народниот правобранител Насер Зибери на ТВ 24.
Тој посочува дека институцијата што ја раководи не е надлежна да ги решава предизвиците во образованието, но, според него, има обврска доколку констатира проблеми да дава мислење со препораки за нивно надминување.
– Тоа е наша надлежност, и не само за мониторинг, туку и да дава препораки. МОН е должно да одговори на нашите забелешки и со аргументи да одговори ако тие се неточни – рече Зибери, додавајќи дека има низа пропусти.
Претходно, министерката Мила Царовска рече дека омбудсманот не е надлежен за образованието, откако Зибери порача родители да се обраќаат кај него.
-Доколку МОН како надлежен орган не постапи по нашите укажувања, Владата има обврска информацијата на Народниот правобранител да ја стави на седница на која и тој ќе биде поканет – рече Зибери.
По сопствена иницијатива, Народниот правобранител спровел мониторинг за правото на децата за образование кога се премина на настава со физичко присуство.