Зибери: Амнестијата треба да ја ублажи состојбата во затворите, нема ослободување на осудените за тешки кривични дела

by Fokus

Предлог законот за амнестија, кој Министерството за правда го подготви, кој се очекува да биде усвоен на наредната владина седница, а кој ќе овозможи ослободување и намалување на затворските казни за лесни кривични дела, според Народниот правобранител Насер Зибери ќе биде прилог кон ублажување на состојбата во која во моментов се наоѓаат затворите.

-Претпоставувам дека предлагачот, Министерството за правда, се одлучи на ваков чекор имајќи ја во предвид крајно лошата состојба во нашите затвори, а особено во Идризово каде е сместена поголемата популација на зтвореници. Според последните податоци кои ги има дадено Управата за извршување на санкции ќе бидат ослободени 250 затвореници, а на 1 200 до 1 400 ќе им се намали казната што значи и побрзо излегување и на други затвореници од установите. Тоа ќе биде директен прилог кон ублажување на состојбата. Но, секако дека тоа не е доволно, изјави  Зибери на Канал 5.

Според Зибери, доколку не се донесе законот состојбата во установите ќе продолжи да биде страшно тешка, а Владата ќе мора да се обрати до Собранието да прогласи кризна состојба во овој дел од Општина Гази Баба, односно во затворот Идризово за да може на помош на припадниците на затворската полиција да им пристигнуваат униформирани лица од МВР и Армијата. Според Зибери тоа не е решение.

-Не може во една држава со прогласување на кризна состојба да се задржи мирот во овие установи. Долгорочно ќе треба да се работи на доизградба на овие капацитети , таа стратегија да се имплементира целосно, кредитот од странски банки што Владата го има за изградба на нов капацитет во затворот Идризово конечно да се реализира и да се стави во функција. Се разбира затворот има потреба и од кадар, во Министерството за финансии чекаат сто барања за вработување во затворската полиција кои и тие доколку одеднаш се одобруваат нема да го решат проблемот, изјави Зибери.

Народниот правобранител ги негира тврдењата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ и лидерот Христијан Мицкоски дека тој закон е за амнестија на криминалци за кои одредени политички партии во минатото давале ветување дека или ќе бидат ослободени целосно или делумно. Зибери вели дека во случајов законот предвидува дека целосно се ослободуваат само лица кои се осудени со правосудни судски одлуки до шест месеци.

-Тоа значи дека се работи навистина за лесни кривични дела. За останатите до 30 отсто намалување на казната затвор, додека одредени тешки кривични дела се исклучени дела, вклучувајќи ги и лицата именувани и избрани, додаде Зибери.

 

Поврзани новости