Тропски горештини ја зафатија Македонија и во септември со температури до 35 Целзиусови степени. Поради жолтата (алертна) фаза граѓаните треба да ги почитуваат општите препораки за населението за заштита од високите температури, како што се: заштита од директна сончева изложеност, избегнување престој на отворено во периодот од 11 до 17 часот, консумирање лесна храна и течности, хигиена на раце и хигиенски начин на подготовка на храната и редовно земање на терапијата кај хронично болните лица.
Министерството за здравство дава општи препораки за заштита на населението од високите летни температури.
– Во текот на ваквите екстремно топли денови граѓаните да останат во затворени простории (пред се климатизирани), а при неопходен престој на отворен простор во овој период, да се најде можност за почести одмори под сенка. Да се носи светла и лесна облека, а при директна изложеност на сонце носете заштитни очила и капа (светлите бои ја рефлектираат светлината), а при сончање да се користи крема со висок заштитен фактор. Да се внесува помало количество храна, претежно овошје и зеленчук, а помалку масна храна. Да се внесуваат големи количества течности, најдобро обична вода за пиење, а да се избегнуваат алкохолните пијалаци. При влегување во возило, потребно е тоа одреден период да се проветри. Хронично болните лица редовно да ја земаат препишаната терапија, во консултација со матичните лекари – се наведува во соопштението од Министерството за здравство.