Симон Поликрап Џими (60), кандидатот за градоначалник на Штип од Интегра, за ,,Фокус” ја раскажува својата животна приказна во Македонија, која започнала во далечната 1977 година. Вели дека од родната Нигерија, како 17-годишно момче стапнал на македонско тло преку проект на размена на студенти, кој бил актуелен во времето на Југославија и Тито. Одлуката да остане овде засекогаш воопшто не била планирана, и вели дека љубовта и Божјата желба биле пресудни да го живее својот живот во Штип.
-Во далечната 1977 година, јас уште како 17-годишно момче, дојдов во Пробиштип, како средношколец, заедно со уште над 1.000 ученици од Нигерија. Работите во животот не одат секогаш по план, би рекол дека Божја желба беше овде да ја сретнам Билјана и да останам засекогаш. Сите останати студенти од Нигерија, по завршувањето на студиите се вратија назад или пак заминаа во други земји, а јас го свив моето семејно гнездо во Штип – раскажува Џими.
На почетокот вели, не било се баш лесно. Најпрвин, кога Билјана го претставила на нејзиното семејство и на роднините, тие биле изненадени, но и со сомнеж го гледале.
-Во тоа време реткост беше да се склучи брак помеѓу Македонка и Нигериец. Нормални беа нивните реакции, друга култура, странец, го посакуваа најдоброто за својата ќерка. Кога подоцна се роди првиот син, веќе сите се обединивме, децата знаат да разбудат неверојатни чувства кај луѓето, па така и мене семејството на Билјана ме прифати како нејзин сопруг и татко на нивното внуче. И она што ми е најважно, Билјана секогаш ме гледаше со очи полни со љубов, така да и тоа беше пресудно сите да ја сфатат сериозно нашата љубов и решителност да останеме заедно во добро и лошо.
Сега, од оваа гледна точка, по толку многу години зад нас, роднините се шегуваат и ми кажуваат дека многу од нив се разведоа, додека само јас и Билјана, за кои постоеше најголем сомнеж, останавме заедно и живееме во љубов сите овие години. Значи, не било до бојата на кожата и до културата, туку до тоа дали си човек со карактер, дали имаш голема душа, дали си личност од збор. – Ах бре Џими, ние кои ви се противевме на љубовта се разведовме, а вие останавте заедно да ни бидете пример, ми викаат роднините- вели Поликарп.
Се сеќава дека на почетокот не му било лесно. Во бракот добиле два сина, Адамс и Анџело, кои сега се на возраст од 30 и 31 година, а неодамна од Адамс и снаата Марија добиле и внук, малиот Јуниор Симон.
За да го издржува семејството, по раѓањето на првиот син, отворил кафеана, но се соочил со голем број на предрасуди за кои вели дека не сака ниту да се сеќава.
-Имаше моменти кои сакам да не се случија никогаш. Не би зборувал за тоа, на некои луѓе тогаш им сметав, бев мета на напади, посебно кога ја отворив кафеаната, демек, кој си ти, од каде си дошол, оди си… Помислував во еден период и да си заминеме, но децата беа тука, не се заминува туку така. И останавме…
Помина сето тоа, луѓето овде ме запознаа, знаат кој сум и што сум, знаат за мојата хуманитарна работа, за тоа дека сум чесен и дисциплиниран човек, ме прифатија. Основав хуманитарна организација пред повеќе од 20 години, работам на проекти во соработка со други здруженија од светот, и помагаме таму каде што е неопходно. На луѓе со посебни потреби,на социјално загрозени семејства, на болни кои не можат да си го платат скапото лекување – појаснува Џими.
Имал многу случки поврзани со неговата хуманитарна работа во изминатите години. Се сеќава на настанот со едно семејство кои имало повеќе деца, а живеело во сиромаштија во рурална средина. Наместо на секои неколку недели да им носи млеко и прехранбени производи, тој решил да им купи кози.
-Преблагодарни и тие, а јас задоволен. Наместо да се носат пакети млеко секоја недела за децата, сега си имаат свои кози, па освен млеко имаат и други млечни производи. Многу вакви случки имаме со организацијата. Пари за лекување, бела техника, мебел, па дури сме помогнале луѓе да добијат и вода за пиење.
И токму мојата хуманитарна работа беше мотивот да се пробам и во политиката, како градоначалник на Штип. Со организацијата јас бев гласот на народот, барав за оние кои немаат, зборував во име на немите, слушав во име на глувите. Кога веќе можев да направам позитивни промени со хуманитарната организација, зошто да не можам тоа да го направам и на едно поголемо ниво, како градоначалник? – прашува Поликарп.
Во неговата програма ветува изградба на концертна сала, фабрика за облека, Агроберза, велосипедски патеки, но и модерни порти на влезот и излезот на Штип.
-Среќни сме што ни се роди внукот, тоа е веќе наша трета генерација овде, и јас продолжувам со мојата мисија, да го направам ова место подобро катче за живеење за сегашните и сите идни генерации – ни изјави Џими.
Вики Клинчарова