Сузана Стојановска е самохрана мајка на дете со Даунов синдром, а пред повеќе од една година се одлучи на еден храбар потег – таа згрижи дете со лесна попреченост.
Во разговор за „Фокус“, Стојановска ни раскажа како и поминува секојдневието со Никола и Денис.
„Пред повеќе од една година згрижив дете со оштетен вид и лесна попреченост. Денис е дете без родители и неговиот живот воопшто не бил лесен. Има поминато неколку згрижувачки семејства, интернат. Оштетувањето на видот му е 99 отсто, меѓутоа многу добро се снаоѓа во микро просторот додека за надвор му е неопходна придружба“, го започна разговорот Стојановска.
Згрижувањето на друго дете секогаш носи свои предизвици, а Сузана долго време работела со својот Никола за новонастанатата ситуација.
„Никола го подготвував долго време. Дали сака другарче, дали сака да ме дели со друго дете? Притоа ги следев неговите реакции на секое прашање (разговор) без оглед на одговорот. За децата со Даунов синдром сите знаеме колку се дружељубиви и колку љубов имаат. Николка е посебно дружељубив и социјализиран, така што по ова прашање околу прифаќањето немав проблем. Никола се грижи за него како заедно да пораснале, навистина многу го сака“, додава таа.
Ретки се луѓето кои згрижуваат деца со попреченост, а Сузана ја објасни и причината за такво нешто.
„Јас живеам сама со Никола. Како растеше и покрај сите активности, потребата за друштво беше се поголема. Иако тој самиот не знаеше да го објасни тоа, јас ја гледав осаменоста кога бевме дома“, додава Стојановска.
Две деца со попреченост бараат голем ангажман и пожртвуваност, вели Стојановска
„Двајцата одат само прва смена во училиште така да тој период го користам да ги завршам домашните обврски и обврските околу здружението. Никола е спортист и трипати во неделата одиме на базен. После училиште одиме во Дневниот центар за лица со Даунов синдром каде во попладневните часови имаме голем број активности. Покрај Никола, сите дечиња што го посетуваат центарот го прифатија Денис како да го познаваат години наназад. Денис е музичар, свири на хармоника, па знае понекогаш да направи убава забава“, вели Стојановска, која дададе дека нејзините соседи добро ги прифатиле Никола и Денис.
„За моја среќа, досега не сум забележала некој да направи разлика меѓу моите деца и другите од соседството. Никола често се дружи со децата од маало и до сега не сме имале никаков проблем“, посочи таа.
Сузана, заедно со Никола и Денис се помалку дел од времето го поминуваат дома и се ангажирани со многу активности.
„Никола оди во редовно училиште, а Денис во училиште за деца со оштетен вид. Денот после 12 часот ми е резервиран за нив. Ги носам секаде каде што ценам дека е од нивни интерес. Во центарот имаме стручни лица кои секојдневно работат со нив. Како здружение имаме голем број активности, работилници за животни вештини, арт работилници, подготвуваме здрава храна и тн. Денис учествува во хорот на училиштето за деца со оштетен вид, така да и тој има многу настапи и активности“, вели Стојановска.
Таа заедно со други родители и деца со посебни потреби во 2017 година протестираа пред Собранието поради како што порачаа тогаш, недоволната грижа од институциите за овие деца.
Сега, од денешен аспект, Стојановска е задоволна од грижата на надлежните ограни за двете нејзини деца.
„Во последниве година-две можам да кажам дека имаме помош. Денис има 18 год. Така да е корисник на правото на придружник што значи се договараме како ќе го користи тоа време. Во моментов придружникот го носи до училиште и го враќа после часовите што ми е од голема помош. Никола може да користи образовен асистент меѓутоа (во договор со класната) тој оди сам во училиште. И оваа услуга е од голема помош за родителите. Тој е деветто одделение и од следната година секако ќе ја користиме и оваа услуга“, го заврши разговорот Стојановска.
Јорданчо Цветаноски