Некогашниот шампион во стрелање, а денес успешен ликовен уметник со голем број на престижни награди зад себе, Дивна Пешиќ – Грозданов, по петти пат се закити со првото место на натпреварот по уметност Американ Арт Авард 2019, со делото ,,Македонско богатство”.
На истиот натпревар, во категоријата абстракт, но и во категориите абстрактен експресионизам и религија и еротика има освоено прво место и во 2010, 2012, 2015 и 2017 година. Во телефонски разговор за ,,Фокус” младата жена која со сопругот и синовите живее и твори во Америка, појаснува дека во моментот кога и јавиле дека е победник на натпреварот минувала низ доста трауматичен период, и убавата вест ја дочекала без да може да и се израдува како што треба.
Имено, нејзината мајка која што живее во Кавадарци, поради проблеми со срцето западнала во критична состојба и итно била пренесена на операција во Скопје, на клиниката Аџибадем Систина.
-Додека јас од далеку треперев на секој телефонски повик, очекував вести за мојата мајка чиј што живот буквално висеше на конец, дојде повикот за освоеното прво место. Не знам дали солзите можам да ги наречам радосници, или пак од тага, но и од болка поради сите трауми низ кои што моето семејство минува веќе речиси три години, откако започна судскиот процес против мојот татко Благој, истакнат тренер по стрелаштво. Помешани чувства, гордост, но и разочараност поради се што ни се случува, поради начинот на кој функционира правниот систем во нашата земја, поради неправдите чии што жртви сме сите ние, а голготата резултираше и со влошеното здравје на мајка ми – раскажува Дивна.
Таа појасни дека награденото дело е во чест на нејзиното семејство, како што вели, кое за неа е одраз на Македонско богатство, во кое израснала со многу љубов и добрина, и од каде стекнала знаење за вистинските вредности во животот. -Особена чест и гордост ми е да ја споделам со вас освоената прва награда на светскиот натпревар по уметност, American Art Awards 2019, во жири од 25 најуспешни галерии и музеи од САД, а во конкуренција на 63 држави. Имено, во категоријата апстрактен експресионизам моето дело,,Македонско богатство” , масло на платно, 40х30 инчи, освои прво место. Инспирација за ова дело ми беше едно прекрасно македонско семејство кое ги негува вистинските вредности во животот, со многу љубов и добрина, почитувајќи и пренесувајќи ги македонската култура и традиција на најдобар начин.
Би сакала оваа награда да ја посветам на семејството, пред се на мојата мајка која денес имаше операција на срце во Аџибадем Систина и оваа прилика ја користам да им се заблагодарам на професионалноста и ангажманот на Проф.Д-р Александар Николиќ и на целиот персонал во оваа болница – вели Пешиќ.
Додава дека неправдите, но и пропустите во нашиот систем со кои се соочиле во изминатиот период, додека трае судскиот процес против нејзиниот татко, допринеле за ситуацијата во која нејзиното семејство се наоѓа, потенцирајќи дека сите тие се психички и физички исцрпени и немаат мирен живот.
– Во животот најважно е здравјето, личното и на семејството, па потоа се друго, но кога човек ќе дојде во ситуација да некој најблизок е во животна опасност тогаш едноставно е лут на сите неправди потекнати од човечки фактор кои допринеле за таквата состојба. За жал, во Македонија многу неправди се од човечки фактор, но животот е постојана борба, борба помеѓу доброто и злото, и иако веќе трета година страдаме и сме исцрпени и психички и физички од сите неправди кои не ти даваат спокој нормално да живееш, верувам дека ќе го победиме злото и живи и здрави ќе ја дочекаме толку посакуваната правда! – раскажува уметницата.
Тврди дека до крај ќе се бори вистината да излезе на виделина, и упати апел до Републичкиот јавен обвинител. -Апелирам до Републичкиот јавен обвинител да го стави побргу на дневен ред известувањето од Советот на јавни обвинители во кое се констатирани сите пропусти и незаконско работење на ЈО Анастасија Миланова од Велес за нашиот предмет и да постапи согласно законот, како би се спречиле понатамошни незаконски постапувања кои уништуваат невини луѓе – порача Пешиќ.
Како потсетување, случајот со нејзиниот татко Благој се најде во центарот на вниманието кон крајот на месец март 2017 година, кога родители на негова тринаесет годишна ученичка по стрелање пријавиле дека во повеќе наврати го обљубил девојчето, по што му беше одреден притвор. Тогаш Дивна допатува со децата од Америка, со цел да му даде поддршка на татко и, и во повеќе наврати јавно изјави дека тој е невин и приведен само по изјавата на девојчето, без физички докази. Потоа, многу пати јавно порача дека има големи пропусти во целата истрага, дека се прекршени многу закони, и дека допирање за рамо не може да биде полово дејство. И членови на СК Кавадарци и граѓани во тој период протестираа пред Основниот суд во Велес, давајќи му поддршка на тренерот.
Вики Клинчарова