Живот во две различни реалности

by Фокус

Сите имаат корист од криминалот и корупцијата во државава. Токму затоа нема расправа на таа тема таму каде што треба да има, а тоа е Собранието. Од таму и апсолвираното мислење дека со овие партии и со овие политичари државата „нема да ја биде“!

Пишува: Ристе ЉУБОТЕНСКИ

Сосема природно и нормално е секој човек, социјална и интересна група, општествена заедница и држава да има свој индивидуален поглед кон себе, своите интереси и перспективи во рамките на нивната посебност, но и како дел од пошироката меѓународна перспектива.

Проблемот настанува тогаш кога тие поединечни светогледи и интереси стануваат толку спротивставени што нивното меѓусебно сообразување и преклопување почнува да станува невозможно.

За жал, како на рамниште на македонската држава, така и на меѓународно ниво, таа разлика меѓу интересите, гледиштата и меѓусебната иднина, од ден на ден станува сѐ поголема и порадикална.

На планетарно рамниште, тоа најдобро се огледа во расчекорот меѓу интересите, улогите и политиките на САД, ЕУ и нивните партнери од една и Руската Федерација, Кина, Индија и нивните партнери од друга страна.

Тоа разминување на интересите, политиките и погледите кон иднината, за жал, многу често води кон војна. Војна со несогледливи последици по поодделни земји како што е сега случај со Украина, но и воопшто со тешки трауматични последици по целата светска заедница.

НАШИТЕ „ДВА СВЕТА“

Таа спротивставеност во Република (Северна) Македонија, од ден на ден станува сѐ поочигледна. Добро е што таа спротивставеност е сѐ помала по етичка линија, но лошо е што таа спротивставеност станува сѐ поизразена по социјално-економска и по политичка основа.

Економското осиромашување и социјалното раслојување на граѓаните е само дел од тоа меѓусебно разминување. Главната спротивставеност се структурира меѓу отуѓеноста и живеењето во „свој свет“ на власта и политичарите од една и на граѓаните од друга страна.

А тоа не може, а да не произведе социјална напнатост, тензии и конфликти. Дали тие ќе експлодираат денес или утре е сосема неважно!

Сега засега, намалувањето на економската и на социјалната напнатост делумно се амортизира со иселувањето на најзасегнатата социјална категорија, а тоа се младите и работоспособно луѓе.

Кого и да прашате, одговорот е дека бега од државата од економски, ама и од општествени и политички причини. Ова е дваесет и првиот век. Секој човек е свесен за вредноста на својот индивидуален живот и не ќе дозволи на кој било, тој живот и неговата иднина да ја обезвреднува со сопствената неодговорност, алчност и криминалитет.

ГРАЃАНИ БЕЗ ПЕРСПЕКТИВА

Бесперспективноста на граѓаните во „оваа држава“ (како што милуваат да нѐ викаат нашите западни сојузници) веќе достигнува драматични и трагични димензии.

А, никој во политиката, било да станува збор за партиите на власт или за оние во опозицијата, воопшто не го интересира. Или го интересира само толку колку што може да им донесува политичка корист.

Најдобар пример за тоа е односот кон криминалот и корупцијата во државата. Политичките партии и нивните раководства од ДПМНЕ, СДСМ и ДУИ се „отепуваат“ од меѓусебно обвинување за криминал и корупција, ама правна разрешница за тоа нема.

Сите имаат корист од криминалот и корупцијата во државава. Токму затоа нема расправа на таа тема таму каде што треба да има, а тоа е Собранието.

Од таму и апсолвираното мислење дека со овие партии и со овие политичари, државата „нема да ја биде“!

Поврзани новости