Благица ја откри Драган Вучиќ додека беше мало девојче, не сакаше голема кариера, а важи за неверојатен вокал!

by Fokus

Многумина се сеќаваат на деведесеттите години на минатиот век, кога легендарниот водител и музичар Драган Вучиќ ја собираше публиката пред малите екрани со забавното талент шоу ,,Вашите пет минути”. Во емисијата со многу хумор, музика и награди, се промовираа голем број на млади музички таленти.

Во 1995 година, на сцената на шоуто се појавија две сестрички, тинејџерки, Благица и Радица Николови од Неготино. Воодушевија со вокалните способности, и уште од тогаш, од детските денови започна музичкото патување на Благица, додека пак нејзината сестра Радица не тргна по естрадниот пат.

Таа година малата Благица настапи и пред преполната спортска сала ,,Младост” во Неготино, на популарната традиционална манифестација ,,Најдобар глас”. Уште тогаш беше очигледно дека девојчето кое пее од се срце, ќе го посвети животот на музиката.

Денес Благица се уште се занимава со музика, но како што вели, никогаш не се стремела да направи голема кариера. Редовно настапува во локали, учествуваше на повеќе фолк фестивали, и скромно вели дека е задоволна со животот, со тоа што публиката за време на нејзините настапи во локали и приоѓа и и кажува дека емоцијата со која пее ја допрела.

-Долги години настапував со колегата Драги Станков, како ,,Дуо форте”, а од неодамна имам настапи со Сашо Георгиев од култната ,,Нели ти реков”, со Перо Христов и други колеги. Големата сцена никогаш не ми беше предизвик, јас отсекогаш само сакав да пеам, да видам задоволни лица на моите настапи. Најголема награда ми е кога ми приоѓаат од публика, кога ќе слушнам убав збор, комплимент за настапот, оти ова навистина го правам со цела душа, од срце – скромно вели таа.

Минатиот викенд Благица имаше настап со Георгиев во познат ресторан во Неготино. Таа е една од ретките пејачки кај нас, за која без двоумење можат да кажат сите кои ја ангажирале да им пее во локал или пак на приватна забава, дека не го остава микрофонот со часови. Конкретно, во Неготино, нејзиниот настап траеше повеќе од шест часа. Со невидена леснотија таа изведува песни од Тереза Кесовија, Адел, Ареа…

За ,,Фокус” раскажува дека во минатото имала понуди за турнеји кај нашите иселеници во дијаспората, но не сакала да тргне по тој пат. Задоволна била кога пее пред публиката во локали во земјава, кога ја канат да биде музичка гостинка на приватни забави, родендени, крштевки…

-Никогаш не се гледав себе како некоја која има амбиции да стане музичка ѕвезда. Јас сум овде за народот и со народот. Најсреќна сум кога гледам дека некому сум му ја разубавила забавата, кога публиката пее заедно со мене. Не сум од оние кои првенствено вложуваат во имиџот, за мене гласот е најважниот сегмент во целата приказна. И ме радува кога таа моја искрена емоција на сцената се препознава – раскажува Благица.

Таа живее во Неготино со сопругот и со ќеркичката на која и е максимално посветена. Вели дека таквиот живот и одговара, бидејќи семејството за неа е приоритет и не би сакала по цена на кариерата да го жртвува времето кое треба да го мине со најблиските.

-Не жалам што уште на млади години немав амбиции да влезам на големата врата на естрадата, што не снимав високобуџетни видео спотови, одбив понуди за турнеји во странство… Не се пронаоѓав себе во тој свет. Задоволна сум од животот, благодарна што секој викенд имам настапи, што публиката која еднаш ми дошла на настап, се враќа повторно- појаснува.

Изминатиот период таа има настапи во повеќе локали во Тиквешијата, но и во други градови во земјава. Многумина кои за прв пат ја слушнале како пее во живо, се изненадени од леснотијата со која изведува песни кои и за големите музички имиња од земјава се предизвик. На комплиментите, таа скромно се заблагодарува, и продолжува да го прави тоа кое неверојатно добро го умее, да пее и да воодушевува со изведбата.

Вики Клинчарова

Поврзани новости