Енвер Јусуфовски живее во една трошна куќарка-барака од 13 квадратни метри, во подножјето на ридот на самиот влез од Струга во Охрид, веднаш до Алтин мост, место каде што богатите граѓани имале имоти. Бараката на Јусуфовски е речиси невидлива, импровизирана, направена од тенеќе.
„Живеам без струја, без вода, во услови кои не се човечки, но што да правам“.
Јусуфовски живее со син кој има 15 години. Останатите деца веќе си заминале, мажени, женети, во бегство од немаштијата. Сопругата е одамна почината. Самиот тој работел во охридска „Езерка“ каде што бил еден од најдобрите работници. Но, тоа е одамна завршена приказна. Во вакви услови живее веќе две децении. Сега е веќе болен.
„Сѐ ми се струполи врз здравјето, тромбоза, астма, срцето, проблеми со простатата. Но, се плашам да умрам. Не заради мене, туку заради синот. Што ќе прави тој?“ прашува Енвер.
Синот на Енвер е прва година средно училиште, електротехничко. Навечер користи свеќи за учење.
„Му велам, ако имаш шанса веднаш да бегаш од државава, не ме мисли мене, јас ќе се снајдам“ вели Енвер.
Тие живеат со минималната пензија од 6.200 денари. Иако нема струја, вели ми доаѓаат и сметки за радиодифузна такса.
„Освен со пензиичкава, живеам со по некоја помош што ќе ми ја дадат пријателите, одвреме навреме ќе донесат нешто да се јаде, и тоа е сѐ“ вели Енвер.
Сега се плаши дека ќе го избркаат и од трошната барака во која живее. Местото имало некој сопственик, кој си го побарал назад. Енвер не знае каде би одел и што би правел. Тешкотијата е надвисната врз плеќите на овој 65-годишен човек, но и врз младоста на неговиот син. Нема иднина, низ солзи раскажува охриѓанецот.
Сторијата е изработена во рамки на проектот „Помош за социјално ранливи групи“ поддржан од фондацијата „Отворено општетсво Македонија“