Во домот „Ранка Милановиќ“ затекнавме ужас од установа, што беше доволно за нас да напишеме посебен извештај и да побараме итно преземање мерки за преместување на децата, изјави вечерва заменик народниот правобранител Васка Бајрамоска-Мустафа во врска со случувањата во Визбегово каде што жителите се противат три деца од домот да живеат во куќа во нивното соседство.
Во гостувањето воемисијата „Топ тема“ на ТВ Телма, таа рече дека установата ја посетиле два месеца пред преместувањето на трите деца во малиот групен дом во Визбегово.
-Затекнавме напуштена установа, без никаква грижа, деца надвор и без контрола, машки и женски на ист кат со нефункционални соби во кои секој може кај секого да влезе, користење заеднички простории, машки и женски… Букавално хаос, рече заменик правобранителката.
Во посета на установата отишле откако незадоволните жители од Визбегово на крајот од октомври поднеле претставка до Народниот правобранител со барање да интервенира за поддршка за, како што навеле „елиминирање на инјектирањето страно тело во Визбегово“. Тие, како што рече Бајрамоска, се пожалиле дека е загрозена безбедноста на останатите деца во населбата, дека децата од домот се без контрола и надзор, со ладно оружје влегувале по домови итн.
-Утврдивме сосема спротивна слика, утврдивме дом, односно куќа во каков што секое дете би сакало да живее, со грижа и 24-часовен надзор од страна на вработените, каде што на детето му се дава можност да дојде до израз неговиот интелект и неговиот проблем да се разгледа индивидуално, нешто што го немаше во институционалната грижа во „Ранка Милановиќ“ што го посетивме само два месеца пред да се префрлат децата во овој мал групен дом, рече Бајрамоска.