Украинската војска објави дека денеска се водат интензивни борби со руските сили, а украинската Агенција за нуклеарна енергија соопшти дека го ставила во „ладно затворање“ заради безбедност последниот оперативен реактор во најголемата нуклеарна централа во Европа.
Откако руските сили ја нападнаа Украина со проектили и беспилотни летала во текот на ноќта, што резултираше со жртви и оштетување на воен аеродром, канадскиот премиер Џастин Трудо денеска ненајавено пристигна во Киев, негова втора посета на Украина по руската инвазија во февруари лани. Тој е во придружба на вицепремиерката Кристиа Фриланд.
Генералштабот на Украина денеска соопшти дека во тек се „тешки битки“, со 34 судири претходниот ден во индустрискиот исток на земјата. Штабот не даде детали, но рече дека руските сили „се бранат“ и изведуваат воздушни и артилериски напади во јужните украински региони Херсон и Запорожје.
Вчера, рускиот претседател Владимир Путин го изрази својот став дека украинските трупи започнале долгоочекувана контраофанзива и претрпеле „значајни“ загуби.