За само три дена отсега ќе се знае името на новиот претседател на Лекарската комора, со која досега управуваше доктор Калина Старделова-Гривчева, која се бори и за втор мандат.
Поточно, на 1 јули и официјално ќе се одржат изборите на кои 79 делегати, кои претходно беа избрани ќе одлучат кој ќе биде првиот човек, кој ќе ја предводи Комората во наредните четири години.
Според нашите информации, како противкандидат на Старделова најверојатно ќе биде доктор Емилија Велкова од Институтот за трансфузиона медицина, но се уште нема поднесено официјална кандидатура.
Сепак, тоа што е страшно во целата приказна е што, според нашите неофицијалнио информации, изборите се третираат како избори за претседател на држава, па се прават разни хајки, притисоци со цел да биде избран нов претседател, наместо досегашното раководство.
Според нашите информации, а и од тоа што може да се забележи на социјалните мрежи и одредени портали се водат разни хајки против актуелната претседателка Старделова. Дел од лекарите на социјалните медиуми тераат кампања со погрдни зборови, навреди, а тоа што е најстрашно се упатуваат и заканувачки пораки на актуелното раководство во Комората.
Дополнителен проблем во целата приказна е и притисокот што се врши врз делагатите, кои треба да го изберат новиот претседател. Нашите извори тврдат дека им се ветува дека ако гласаат против сегашната претседателка, новото раководство ќе им овозможи да патуваат на сметка на Лекарската комора.
Но, тоа што е чудно е зошто е толку атрактивно претседателското столче во Лекарската комора? Претседателот е задолжен заедно со уште еден потписник од Етичката комисија да ги потпишуваат лиценците за докторите, а на месечно ниво добиваат минимален паушал.
Досега, Лекарската Комора имала четворица претседатели.
Ирена Мулачка