Жерновски со вето за десеткатницата на Водно, Шиповиќ на потег!

by Фокус

Градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски, денеска го запре објавувањето на деталните урбанистички планови меѓу кои е и оној за десеткатницата на Водно и од овој момент тече рокот од 15 дена за закажување на нова седница на Советот на која спорните ДУП-ови повторно се ставаат на дневен ред.

– Повторно го поздравувам ставот на министерот за локална самоуправа, кој кажа дека спорните ДУП-ови согласно Законот за локална самоуправа не се донесени. Овој став се совпаѓа со ставот на општината и со мојот став и се надевам дека министерството и понатаму ќе продолжи така да реагира –  изјави Жерновски.

Поради разногласието во стручната јавност и различните толкувања на Законот за локална самоуправа, Жерновски ќе се обрати до претседателот на Собранието и ќе побара автентично толкување на Законот за локална самоуправа.

Ова значи дека четири институции севкупно ќе го третираат предметот: Советот на општина Центар, Министерството за локална самоуправа, Уставниот Суд и Собранието на РМ.

Одговарајќи на новинарски прашања, Жерновски рече дека не знае како ќе гласа претседавачот на Советот, Мирослав Шиповиќ, бидејќи по чинот на гласањето на седницата во петокот, не бил во контакт со него.

– ВМРО – ДПМНЕ се збунети, но не од мојот став, туку од ставот на министерот за локална самоуправа. Кога ВМРО – ДПМНЕ молчи, јасно им е што изгласале – додаде градоначалникот.

Како што рече, согласно Уставот и законите, доколку Советот повторно ги изгласа ДУП-овите, тогаш градоначалникот ќе биде должен да ги потпише и да се обрати до Уставниот Суд.

Жерновски не е оптимист во можната одлука на Уставниот Суд, ниту дека ажурно ќе одлучат за случајот. Затоа тојт ќе побара времено решение да не се применуваат овие ДУП-ови.

Новинарите прашаа како ја толкува изјавата на директорот на Државниот инспекторат за локална самоуправа, Ванчо Шехтански, кој изјави дека градоначалникот на Центар може да стави вето, но одлуката треба да ја верификува локалниот инспекторат и дека, според Шехтански, одлуките на Советите се носат со просто мнозинство, освен ако во Законот за локална самоуправа децидно не е наведено за кои одлуки е потребно квалификувано мнозинство.

– Кој е тој Шехтански? Мислите на оној Шехтански кој пред извесен период пред основните училишта во Чаир, мафташе со документи и изјави дека нема да постојат таблите со нови имиња на училиштата. Сѐ уште ги гледам на истите места. Со тој човек немам намера да комуницирам преку медиумите – одговори Жерновски.

Поврзани новости