Во Европскиот парламент во Стразбур денеска се одржува 16-та средба на Заедничкиот парламентарен комитет Европска Унија-Редпублика Северна Македонија, последен во овој состав на Европскиот парламент.
Заедничкиот парламентарен комитет го претседаваат македонскиот парламентарец Горан Милевски и словенечкиот европарламентарец Алојз Петерле. Во собраниската делегација се наоѓаат уште и пратениците Никола Мицевски, Соња Мираковска, Шпреса Хадри, Мерал Узеири Ферати и Жаклина Лазаревска.
Тие заедно со нивните колеги од Европскиот парламент ќе имаат размена на мислења со претставници на Владата, претставувана од заменик министерот за надворешни работи, Андреј Жерновски и на Европската комисија и Дејвид Кулен, одговорен за македонското досие во ЕК.
Заменик министерот за надворешни работи, Андреј Жерновски, во рамките на посетата на Европскиот парламент во Стразбур, имаше повеќе средби со евро-пратеници од различни политички групи.
На состаноците со европратениците Едуард Кукан (ЕНП, Словачка) и Иво Вајгл (АЛДЕ, Словенија), кои се известители за нашата држава, со Илхан Кјучук (АЛДЕ, Бугарија), Кати Пири (СД, Холандија) и Виктор Боштинару (СД, Романија), стана збор за динамиката на спроведување на клучните реформските области, за внатрешно-политичките случувања, а се разговарало и за предизвиците со кои се соочува Европската унија во моментов.
– Република Северна Македонија, покрај огромната енергија што ја вложи, како и големиот успех што го постигна во напорите за надминување на отворените политички прашања – Преспанскиот договор со Република Грција и Договорот за добрососедство со Република Бугарија, во ниту еден момент не отстапи од реформската динамика и не дозволи дефокусирање на земјата од оваа агенда. Пренесов дека проектот за интеграција во ЕУ и НАТО треба да не’ обедини, битката за правна држава треба да биде натпартиска битка, а законот за СЈО треба да биде консензуално решение кое ќе ја направи нашата држава уште посилна, изјави Жерновски.