Вчерашната средба на Мицковски со бугарскиот претседател Борисов ја разоткрива матрицата на ВМРО-ДПМНЕ, чии функционери едно зборуваат пред домашната јавност и своите членови, а сосема друго и спротивно на средбите со меѓународните чинители, коментира заменик министерот за надворешни работи, Андреј Жерновски на социјалните мрежи.
– Мицковски тврди, декларативно, дека е за членство на државата во ЕУ и НАТО. Во изјавите за домашна употреба вели дека со недобивањето на датум за преговори со ЕУ, “катастрофалните и штетни договори со Грција и Бугарија” се веќе наважечки, но во бесрамното кокетирање со амбасадорите и сестринските партии тајно ветува (само за да дојде на власт) дека ништо од договорите нема да менува. Е па, војводо, едното со друго не оди! И на македонската и на меѓународната јавност сосема и’ е јасно дека Мицковски не поседува мудрост, трпеливост, па ако сакате и квалитет, да ги продолжи реформите и да ги направи одржливи најголемите меѓународни достигнувања на нашата држава од својата независност, пишува Жерновски.
Тој понатаму во текстот дополнува: За да (им) помогнам да не живеат во лажен триумфализам, но и за да дообјаснам колку лажното политиканство, како она вчера, (им) е поприлично обезличено, ќе (им) раскажам што (ми) се случи во Монако, кога неодамна присуствував на 36-та министерска конференција на меѓународната организација на франкофонијата. Членки на тоа семејство се Франција, Белгија, Бугарија, Грција, Луксембург и Романија, а набљудувачи се Австрија, Хрватска, Чешка, Унгарија, Летонија, Литванија, Полска, Малта, Словачка и Словенија. Сите беа присутни.
– Во таа прилика, ми пријдоа неколку колеги и амбасадори од наведените земји за да ми кажат дека во нивните земји, цитирам, “вашата десноориентирана опозициска партија закажува средби на различни нивоа и секаде цврсто соопштува како целосно го подржува Договорот од Преспа и дека ако дојде на власт нема воопшто да го пипне тој документ”. Затоа, треба да знаат дека таа нивна “тајна” дипломатска активност не е воопшто тајна и дека се прочитани. Чудна е моќта на маската. Или, што би рекол Енди Самберг, “Јас сум бездушен кловн. Кога би ставил тетоважа, тоа би биле две маски, на која и двете ќе бидат насмеани.”, завршува Жерновски.