Откако претседателот на ОО СДСМ, Центар, Саша Богдановиќ ја „испука“ бомбата, во која премиерот Никола Груевски со министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески договара да му пушти народ пред општина Центар, да ја демолираат, а успат некој и да му удри неколку шамари на градоначалникот, пред насобраниот народ во „Капиштец“ излезе Андреј Жерновски.
Тој на присутните им се обрати и рече дека во последните 13 години, откако е Груевски на власт, од кои четири како министер за финансии и девет како претседател на Влада секогаш му се обраќал со „Вие“, но, по овој разговор ќе му се обраќа со „Ти“.
– Никола ти си насилник, човек кој што ја срами, брука и сквернави функцијата претседател на Влада. Ти не си чесен политичар, туку само размислуваш за провизии и пари. Ти шеташ во комбе и бараш градежни плацеви за тебе и твоето семејство. За сите 13 години владеење, многу повеќе од врзан шамар боли, шамарите што ти ги доби од граѓаните на општина Центар и тоа пет пати по ред. Твојот сон е да се одвоиш од граѓаните преку потпорен ѕид 6-7 метри на Водно, но ќе се одвоиш од нив, не преку ѕид, туку преку решетки – истакна Жерновски на собирот пред граѓаните.