Имено, во програмата како цели на предметот „Семејството и општествените девијации“ стои:
„Запознавање на студентите со содржини кои се поврзани со општествените девијации и современото семејство. Содржините посебно ќе бидат насочени кон стекнување на знаења за социо-патолошките проблеми (алкохолизам, зависност од дрога, развод на брак, хазардни игри, убиства, самоубиства, корупција, хомосексуализам) и улогата на семејството во спречување и сузбивање на општествените девијации“.
Прво, сместувањето на разводот во социо-патолошки проблеми е директен атак врз правото на слободна волја и расудување дали сопружниците ќе решат индивидуално или заеднички да излезат од брачната заедница поради одредени причини. Ова право е загарантирано со меѓународното право, но и со националната легислатива во Законот за семејство.
Второ, го потсетуваме наставниот кадар, креаторите на оваа студиска програма и универзитетот дека Светската здравствена организација (СЗО) ја отстрани хомосексуалноста од Меѓународната класификација на болести (ICD-10) уште на 17-ти мај 1990 година, а оваа одлука започна да се применува во земјите членки на СЗО, каде спаѓа вклучително и Република Македонија, од 1994 година. Секое постапување спротивно на оваа одлука претставува директна дискриминација и кршење на меѓународните договори за човекови права кои ги има ратификувано нашата земја, како и домашниот Закон за спречување и заштита од дискриминација.
За волја на вистината, модерното семејство во напредните демократски општества подразбира и истополови бракови и посвојување деца од истополови партнери. Оттука, ја повикуваме Комисијата за заштита од дискриминација да постапи согласно законот и нејзините ингеренции и да наложи корекција на оваа (не)намерна грешка или превид од страна на креаторите на студиската програмата“, стои во соопштението од Женската Алијанса, упатено денеска до медиумите.