ВМРО – ДПМНЕ: Екстерното тестирање ќе создаде пообразована младина!

by Фокус

Реагирајќи на денешното соопштение од  СДСМ со кое беше укажано на бројните недостатоци во процесот за екстерно тестирање на учениците, од владејачката партија веднаш излегоа со свое соопштение во кое го искажаа својот револт кон СДСМ, кој според нив, напаѓајќи го проектот за екстерно тестирање, само се обидува да постигне политички поени. Од ВМРО-ДПМНЕ уверуваат и дека проектот на долг рок ќе покаже резултати, односно ќе доведе до пообразувана младина, со повеќе знаење и умешност.

– СДСМ во ниту една своја влада не успеа да смогне сили да спроведе ваква реформа или било кој друг чекор кон унапредување во образованието. Во тој период немаше ниту бесплатни учебници, ниту задолжително средно образование, платите и достоинството на просветните работници беа сведени на минимум, а воопшто не се ни работеше за поголема достапност на високото образование. Тоа што е постигнато изминатите години јасно покажува дека СДСМ во своите мандати не реализирала ни процент од тоа што денес се прави во сферата на образованието – се вели во соопштението што денеска им беше доставено на медиумите од страна на ВМРО-ДПМНЕ.

Од таму нагласија и дека екстерното тестирање претставува една од најкрупните реформи во образовниот систем која ќе помогне во унапредувањето на образованието и неговото доближување до европските стандарди.

Поврзани новости