АРХИВА Жени, храбри и опасни!

by Фокус

Текстот е објавен во новогодишниот број на „Фокус“.

Годината 2015 та, може слободно да ја означиме како година на будење на граѓанската свест, година на многубројни протести и демонстрации, на студентите, на средношколците, на хонорарците, на новинарите, на граѓаните против катастрофалните политики на владеачката врхушка, на башибозукот на режимот. Во првите борбени редови на отпорот, на барикадите против полицијата и специјалците пред Владата, пред водените топови на МВРО-ВМРО, пред пендрекот на полицајците, во камповите на бегалците во Гевгелија, многу често со својата храброст се истакнуваа повеќе наши сограѓанки, девојки, жени, студентки, пензионерки, ученички, интелектуалки, мајки, баби… „Фокус“ направи скромна листа на 11 хероини кои во 2015 година предничеа со својот борбен активизам, полни со решителност и желба за правда, слобода, солидарност и демократија

Пишувала Ирена МУЛАЧКА

Наместо пендрек – кармин, наместо гумени куршуми – гумени бонбони, наместо насилство – цвеќе, наместо водени топови – жив штит од жени. Вака жените во неколку наврати им се спротивставија на кордоните специјалци кои редовно ги пречекуваа на протестите пред Собранието и пред Владата во годината која изминува. Без трошка страв и со голема решителност, неколку од нив продефилираа покрај штитовите на специјалците и се соочија со нив, покажувајќи им дека не се плашат и дека се спремни, како што велат за, слободата до крај да се борат.

Нивните фотографии го обиколија светот и се најдоа на насловните страници на странските медиуми. Секоја во свој стил, но и со особен шарм му се спротивстави на строгото лице на специјалецот кој беше вооружен, со опрема и кацига, од главата до петиците. Се почна на 5 мај, 2015 година кога лидерот на опозицискиот СДСМ, Зоран Заев ја објави „бомбата“ за убиството на 21-годишниот Мартин Нешкоски, каде што првата полицајка Гордана Јанкулоска, нејзиниот портпарол Иво Котевски и шефот на тајната полиција Сашо Мијалков бараат начин како да го прикријат убиството.

Во тој период, во 17 часот пред Владата спонтано се собраа револтирани граѓани кои успеаја да стигнат на 100 метри пред влезот, каде ги пречека кордон – специјалци. Тие ја торпедираа Владата со јајца и домати, а во првите редови, жените направија жив штит со кој им се спротивставија на специјалците. Оттогаш, секој ден во 18 часот се одржуваа протести при што на разни креативни начини млади девојки, мајки со деца, возрасни

жени, баби… гласно негодуваа за лошото владеење, криминалот и скандалите што ги чувме од „бомбите“.

Дел од нив почувствуваа и лисици на рацете, беа бркани од полицајците, но тие смело пркосеа и не дозволија да ги спречи полициската бруталност и да останат дома пред телевизор, туку редовно излегуваа секој ден и бараа правда, при што го добија епитетот – хероини на годината. Сосема заслужено!

СЕ ПОЈАВИ ОТПОР ПРОТИВ ДРСКОСТА НА РЕЖИМОТ

Годината што изминува слободно може да се нарече година на жените, кои гласно му се спротивставија на режимот, на неправдата, на криминалот, на корупцијата, на лошите законски решенија… „Фокус“ направи листа од единаесет жени – хероини кои дефинитивно ја одбележаа 2015-та година и гласно им рекоа „не“ на неправдите. Не помина ден, без некоја од нив да излезе и да им даде поддршка на студентските и на средношколските протести, на протестите за прикривањето на убиството на младиот Нешкоски, на протестите против министерот за здравство Никола Тодоров од кој веќе неколку пати побараа морална одговорност и оставка, на протестите против загадувањето. Секоја од нив делува во својата област, а стравот е потиснат од поривот, за кој, како што велат, не ги остава да седат мирни, туку ги тера да бидат таму, во првите борбени редови. Нивното делување и отпорот се редовно критикувани од власта и од провладините медиуми, од кои честопати ги добиваат етикетите „предавници“, „шпиони“, „соросоиди“, „сдсмовци“. Но, сепак, тоа не ги запре во борбата за подобро утре.

jasmina golubovskaНа листата најхрабри се најде и Јасмина Голубовска, активист и борец за човекови права која на протестите пред Владата опколена во силен оклоп од специјалци извади сјајно црвен кармин, ги намачка усните и бакна штит на полицаец. Таквиот потег ја направи икона на отпорот, која на насилството и стравот му се спротивстави со бакнеж. Нејзината првична замисла била со карминот да нацрта срце, но полицаецот не и дозволил. Таа фотографија го обиколи светот, а за неа пишуваа многу странски медиуми кои ја пренесоа информацијата. Голубовска пред две недели дури се најде и на листата меѓу 17-те најхрабри и „најопасни“ жени на светот за годината што изминува.Таа учествува и во сите герила –акции кои ги организира Хелсиншкиот комитет за човекови права, а една од најпознатите е прошетката низ Скопје во барокна облека против инвестициите за проектот „Скопје 2014“, за кои власта досега потроши милионски суми.

2015-та за луѓето во Македонија сметам дека беше исклучително тешка и емоционална година. Никој од нас не очекуваше дека ќе се појави отпор против дрскоста на режимот кој стана неизмерно агресивен навлегувајќи во автономијата на секоја општествена пора. Посведочивме дека можеме да бидеме посилни и единствени, еднакво колку што можеме да бидеме гневни и разединети. Ги повторуваме грешките и се уште градиме отпор во себе, наместо на улица. Но режимот е таков – тврди Голубовска.

Таа тврди дека режимот ги спакува луѓето во мали и несигурни табори кои насобраниот гнев од бедата и борбата со секојдневието го канализираат кон својот замислен непријател, кој може да биде: партиски или етнички неподобен, соросоид, платеник, комуњар, шпион, дел од мрачни или било какви други сили.

Во 2016та очекувам да продолжат промените во секој од нас, поединечно. Да се промениме во похрабри, одлучни луѓе кои ќе ги зголемат своите барања и ќе се изборат за достоинствен живот. И на крајот, посакувам да не се плашиме затоа што секоја година помината во ропство, не води чекор поблиску до слобода – додава Голубовска.

gordana posimonovaОсвен неа, на листата храбри жени, но во областа на образованието е професорката на Земјоделскиот факултет, Гордана Попсимонова. Јавноста првпат ја запозна за време на студентските протести кога им даде целосна поддршка на студентите кои излегоа повеќе од 10.000 на улица и се спротиставија на државниот испит и новите законски измени во високото образование. Таа исто така беше дел од Професорскиот пленум и тврдеше дека е разочарана и гневна од сите спинови на власта, кои од самиот почеток ги извртуваат вистинските причини за реакцијата на академската јавност во Македонија. Попсимонова напиша многу колумни во кои отворено го критикуваше, како што велеше, режимот на Груевски, лошиот образовен систем, криминалот и корупцијата кои излегоа од „бомбите“ на Заев.

Ако се обидете да спуштите жаба во врела вода, ќе штурне уште пред да ја допре површината на водата. Меѓутоа, ако употребите студена, по можност барска, вода и температурата на водата долго и постепено ја загревате, жабата нема да сфати во кој момент е сварена. Нема ни да направи напор да избега од котелот. Ете, токму тука сме ние – во зовриен жабарник. Во македонскиот дел од пеколот. Како стасавме до тука? Со нашата индиферентност, игноранција, малодушност, себичност, со конформизмот, со сите наши мали и големи причини да молчиме и да одмолчуваме – тврди професорката Попсимонова.

Според неа, оваа година се случил КРИКОТ и луѓето конечно го кренале својот глас.

Конечно, проговоривме. Покажавме дека постоиме и дека не сме безлична маса која слепо ги заокружува изборните ливчиња. И, по цена на тоа што нас нé заокружуваа со црвени кругови – кажавме дека потемкиновото розово не е розово, туку дека е валкано и црно. И дека царот е гол. И не само гол, туку и прост, необразован и примитивен. Нé има многу. Повеќе одошто мислиме, повеќе одошто кажуваме, повеќе одошто очекуваат. Само треба тоа да го кажеме гласно. И да го напишеме јасно. Време е да излеземе од котелот. Можеби еден убав ден, ќе си помогнеме едни на други и ќе излеземе од него – во македонскиот дел од рајот – додава Попсимонова.

СО ПАМЕТ ВО ВИСОКО КРЕНАТА ГЛАВА

tamara causidisНовинарството во последните неколку години е клекнато на колена, се помалку има новинари кои професионално си ја вршат работата, додека се повеќе расте бројот на медиуми кои се поткупени од власта и кои цело време шират пропаганда за владините реформи и проекти. Една од дамите, која цело време се бори новинарството да се врати на вистинскиот пат и која постојано води битка новинарската фела да си ги добие своите права е Тамара Чаусидис, претседателката на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници. Таа е жената која не остава ништо на случајноста, туку редовно се спротивставува на секое лошо законско решение, редовно организира протести за да се зачува достоинството на новинарската професија. Чаусидис беше најгласна на протестите за ослободување на новинарот Томислав Кежаровски, кој пет месеци помина во притвор во Шутка и уште седум месеци во куќен притвор. Таа секогаш беше во првите борбени редови, а помина и неколку часа пред Шутка во периодот кога тој беше повторно вратен во притвор.

Влеговме со многу ентузијазам во оваа година, излегуваме во магла, збунети и со плитко дишење. Но, не би рекла дека сме поразени во напорот да го видиме ова општество како оди во вистинска насока, со задоволни, достоинствени луѓе. Оваа година слушнавме дека сме човечиња изложени на свирепа манипулација и уцени. Добивме потврда дека она за што во изминативе години излегувавме на улица, она што гласно го извикуваме има име и има адреса. И, дека таа адреса може да се повлече само ако сме до крај принципиелни, сплотени и искрени во отпорот, во барањата да се сменат работите. Научивме и дека секоја калкулација, секоја задршка и манипулација, лошо сокриена амбиција се наплаќа, а цената е многу скапа и за жал, им се испорачува на сите, а најмногу на идеалите во кои веруваме – истакна Чаусидис.

Според неа, 5 мај, денот кога се протестираше за прикривањето на убиството на Нешкоски останува најважниот ден во 2015 година.

Тоа е поука, показна вежба на која можеме и мораме да го потпреме својот оптимизам, да учиме од грешките, бргу да препознаеме кога работите одат во погрешна насока. Тоа е мојата надеж за 2016. Со памет во високо крената глава – додава Чаусидис.

Таа исто така го крена својот глас и против законот за хонорарци, во кој тие сами требаше да плаќаат здравствено и пензиско осигурување. Пред неколку месеци, Владата го укина овој спорен закон откако се склучи пржинскиот договор и се најави дека ќе има предвремени парламентарни избори.

TOM_4265

Сепак, најемотивниот говор поврзан со отпорот против законот за хонорарци пред Владата го одржа преведувачката Марија Џонс, која исто така се најде на листата на „Фокус“ на 11 најхрабри жени за 2015 година. Таа им порача на првиот финансиер Зоран Ставрески и на премиерот Груевски дека народот живее во приказна на преживување во која се повеќе нема и дека само во Македонија мора да платиш за да работиш.

Таа вели дека постои една негативна изрека што никогаш не и се допаѓала  „глупав народ – силна држава”.

И, тука некаде меѓу глупавиот народ и силната држава е мојата желба за наредната година. На моите сограѓани им посакувам повеќе општество или shoqëri, да не ги редам сите јазици сега, убави зборови, наши, кои не се заемки од латинскиот, како во други, многу поголеми јазици. Во општеството имаме и права и одговорности кои многу добро треба да ги познаваме и да ги почитуваме. Во општеството никој не ни „дава” работа и плата, туку го нудиме својот труд за соодветен достоинствен надомест по правила за кои претходно сите сме се договориле, наместо премолчано да се согласуваме да бидеме најефтината стока на пазарот – тврди Џонс.

Листата на „најопасни“ жени не поминува без Уранија Пировска, извршна директорка на Хелсиншкиот комитет за човекови права која редовно може да се види на протести пред Јавното обвинителство, пред МВР барајќи од нив да ги решат случаите со нападите врз ЛГБТ заедницата.Таа исто така беше активна и гласна и на граѓанските протести пред Владата и Собранието барајќи начин за разоткривање на, како што вели, чудовишното лице на режимот, кој владее веќе 10 години. Во фиоката на Хелсиншкиот комитет може да се најдат еден куп документи за случаи кои тие ги покренале, за тоа колку политички затвореници има, а таа честопати алармира дека притворот се користи повеќе како заплашување, отколку како казнена мерка. Пировска е редовен борец за демократија и слобода.

Режимот потранспарентно започна да владее на 24 декември 2012 година, но го достигна својот врв во 2015 година. Сето она, што беше на ниво на наши заклучоци, критики и обвинувања за манирот на однесување на оваа власт, беше потврдено. Димензиите на злото беа целосно измерени, а ние соочени со предизвикот да му се спротивставиме. Од една страна, тоа беше катарзично доживување, морална сатисфакција за оправданоста на нашите тврдења, но и будење за сите оние кои што до тогаш го немаа препознаено вистинското лице на власта – вели Пировска.

РЕЖИМОТ НА ГРУЕВСКИ МОРА ДА ПАДНЕ

Иако повеќето од дамите вработени во Министерството за внатрешни работи мудро молчат за да го задржат своето работно место трпејќи го мобингот, притисокот и заканите од претпоставените, сепак една од нив го крена својот глас и му рече „не“ на самоволието во оваа институција која од „бомбите“ стана позната како „МВРО-ВМРО“.

angelovaЈасминка Ангелова, сопругата на генералот Стојанче Ангелов остана без работа, но храбро и се спротивстави на првата полицајка Гордана Јанкулоска. Таа испрати неколку писма до неа во која ја повика да си ги собере тајните агенти што ги следат двајцата сопружници и нивните деца и да прекинат да им се закануваат со апсења и закани по животот. Таа на протестите на 5 мај пред Владата беше удрена од свој колега –полицаец, додека сакала да се фотографира со друг колега.

Ангелова без двоумење вели дека во новата 2016–та очекува избори на кои ќе падне режимот на Груевски, но смета дека бидејќи се доцни со „договореното во Пржино“ изборите не треба да бидат одржани пред јуни.

Очекувам да се спроведе и попис. Нека биде и после изборите, но ние мораме да се преброиме за да ги видиме суровите последици од погубното владеење на Груевски. Очекувам одговорност за сите криминали на власта, како поука за следната власт дека никој во Македонија повеќе не е недопирлив. Очекувам да профункционираат институциите на државата и најпосле да започне процесот на позитивна селекција, со кој најдобрите ќе одат напред, а најдобрите меѓу најдобрите ќе раководат со институциите. Без разлика на нивните лични ставови и убедувања или политичка припадност – тврди Ангелова.

Таа додава дека во Новата година продолжува со нејзината борба која всушност е продолжение на борбата на нејзиниот сопруг.

Истовремено, моите ставови, анализи и сознанија за актуелните случувања, особено за состојбите во МВР, кои ги објавувам на личниот ФБ профил се пренесуваат и преку повеќето интернет-портали и допираат до јавноста. Посакувам во Новата 2016-та конечно да доживееме правда и вистинска слобода за сите македонски граѓани – вели Ангелова.

meriНа барикадите во борбата за слобода, демократија и правда се најде уште една жена која веќе неколку години активно делува на ова поле. Мери Николова е една од создавачите на платформата „УДАР“, која организираше неколку протести и која смета дека боксерската власт може да се сруши само на овој начин. Досега не поминал ниту еден протест без неа, сметајќи дека во моментов на тој начин може да придонесе барем нешто да се промени во државата. Таа пред неколку месеци беше главен иницијатор на предлог Законот за амнестија, при што успеа да собере 10.000 потписи и овој предлог да се најде пред пратениците во Собранието.

Според неа, 2016 ќе биде многу „жешка“ година, но сепак одлучувачка.

Од една страна, има оптимистичко сценарио – разрешување на политичката криза, заминување во историјата на корумпираната политичка елита и почеток на градење на вистинска, а не само формална, демократија. Од друга, има и песимистичко сценарио – продолжување на политичката криза што значи непочитување на Пржинскиот договор, неповлекување на корумпираните политичари, што ќе доведе до големи граѓански немири и продлабочување на кризата, а со самото тоа и стопирање на евроинтеграциите и воопшто, на развојот на државата – вели Николова.

Таа додава дека во оптимистичкото сценарио ќе продолжи со своите активности за подигнување на граѓанската свест за воспоставување вистински демократски вредности.

Во второто сценарио, песимистичкото, јас ќе се борам за соборување на криминалната власт како главна препрека за напредокот на општеството. Се надевам дека Македонија ќе смогне сила за да направи суштински промени. Овој процес е незапирлив и што поскоро се случи (во 2016 година), тоа подобро. Враќање назад нема – вели Николова.

На списокот на „Фокус“ за најхрабри жени се најде и името на актерката Ирена Ристиќ, која последната година е една од најактивните жени на сите протести. Карактеристично за неа е тоа, што освен што можеше да се види во театарските претстави или во македонски филм, немаше пракса да се појавува во медиумите, да дава изјави и интервјуа како граѓански активист. Но, сето тоа се промени годинава откако стана една од најголемите борци против лошите политики на власта. На еден од протестите, таа заедно со актерката Ана Костовска ја рецитираше Бушава азбука со текст прилагоден од „бомбите“. Ристиќ, исто така, е водителка и на шоуто „Контравести“,во кое преку хумор и сатира го објаснува начинот на владеење во Македонија.

2015 година беше кулминација на десетгодишниот кошмар низ кој минуваше Македонија. Години на политичка, социјална, морална криза. А, од последнава година произлегуваат првите две, ќе се согласите. Свесните и совесни граѓани, не можејќи веќе да чекаат одговорните структури да пораснат, да созреат и конечно да почнат да го работат она за што се добро платени, започнаа сами да создаваат простор за промени. Револтот таложен со години се излеа на улиците. Иако многу тешки и сурови, тие мигови открија една нова, убава Македонија – вели Ристиќ.

БЕГАЛЦИТЕ ДОБИЈА СВОЈА „МАЈКА ТЕРЕЗА“

lence zdravkinСовремената „Мајка Тереза“ или „Хероина на нашето време“ се двете имиња кои ги доби велешанката Ленче Здравкин, која речиси една година секојдневно и несебично им помага на мигрантите. Таа живее во непосредна близина на железничката пруга во Велес, а за да им помогне на бегалците таа својот дом го има претворено во магацин и прифатен центар за мигранти. Здравкин редовно пречекува мајки со бебиња и поголеми дечиња во чии очи се чита нивната молба за помош. Таа редовно е на релација Велес – Гевгелија и несебично им помага во нивните најтешки моменти.

По автопатиштата, по железничките пруги во ноќните часови почнаа да се движат некои црномурести момчиња, за кои никој не сакаше да каже кои се и од каде се. Се започна во март-април 2013 година. И покрај сите апели дека имаме бегалци  од Сирија, Авганистан, Ирак, Иран, Сомалија, Пакистан и други земји се молчеше, за во 2014 година бранот на бегалци да биде масовен. И дури кога во 2015 година почнаа да ни се редат несреќи со бегалците, откако загинаа многу од нив, Македонија во јуни го донесе законот за бегалци – вели Здравкин.

Според неа, јужниот дел на Македонија, Гевгелија станал центарот на светот.

Странски делегации и странски медиум пристигнуваа да видат како Македонија се справува со бегалската криза. Но институциите, невладините организации, волонтерите веќе ги поставија темелите на транзитниот центар за бегалци Винојуг. Денес центарот функционира со сите нишани: медицинска и правна помош, храна, вода, хигиенски средства, облека и се што е потребно во овие зимски денови. Бегалците од тука заминуваат насмеани и задоволни – додава Здравкин.

На истиот фронт со Здравкин е и муслиманката Мерсиха Смаиловиќ позната НВО активистка, која се залага за афирмација на жената муслиманка во сите сегменти во општествениот живот. Таа исто така им помага на бегалците кои транзитираат низ Македонија полесно да го поминат патот по кој тргнале, а честопати ги повикува и политичарите да дојдат во кампот во Гевгелија и да разговараат со бегалците.

Смаиловиќ тврди дека 2015 година била многу динамичина, со подеми и падови во однос на човековите права, хуманоста, слободата.

Зимата ја поминавме на пругата долж Македонија, пресретнувајќи ги измрзнатите бегалци од воените жаришта, кои заради нехуманиот закон кај нас, мораше со денови да пешачат. Тешкотијата се зголемуваше кога заедно со Human Rights Watch ги истражував ужасните услови и малтретирања на бегалците во Прифатниот Центар Гази Баба. Пролетта ексалираше со илјадници бегалци кои влегуваа и пешачеа, по патиштата во Македонија и нашите скромни можности да им помогнеме на сите – вели Смаиловиќ.

saraСепак, мора да нагласиме дека ако некој го крена народот на нозе, ја подигна енергијата кај луѓето и успеа да изнесе над 10.000 луѓе на улица тоа беа студентите. Тие преку движењето Студентски пленум го кренаа својот глас, им се спротивставија на владините реформи во образованието и ги потикнаа граѓаните на отпор. Една од нив, која секогаш беше во првите борбени редови е Сара Миленковска, студентка на Правниот факултет во Скопје. Таа беше дел и од протестот за слобода на Кежаровски, за спорниот закон за хонорарци…

Миленковска вели дека политичката криза е само симптомот на болеста на духот, од која општеството може да се излечи само кога секојдневието и системот на вредности ќе претрпат сериозни промени.

Се додека не се случат овие промени, граѓанинот ќе се соочува со криза на идентитет и наместо да разбере дека токму во него лежи моќта, тој лесно им ја предава на политичките партии кои ревносно ја користат. Треба да разбереме дека ние граѓаните сме значајни и затоа ние треба да бидеме креатори на нашето општество, кои го одржуваат здраво и прогресивно. Бидејќи секоја премолчана неправда не прави соучесници. Пасивноста е она што го има окупирано нашиот простор, девалвирано инстуциите, стигматизирано критичката мисла и ни го има оставено бегството во странство како последна слобода – истакна Миленковска.

Таа додава дека потребата за промена треба да биде системска.

Претворање на аполитичноста во партиципативна политичка култура со што во иднина директно ќе учествуваме во креирање политики. Јас делувам, зашто сметам дека тоа е потребно и бирам да не учествувам во тоа што го храни кршењето на духот – тврди студентката.

meri jonesМарија ЏонсНЕ ТРЕБА ДА СИ БИДЕМЕ ВОЛЦИ ЕДНИ НА ДРУГИ

Марија Џонс вели дека во општеството не треба да си бидеме волци едни на други, било на улица, во автомобил, или во супермаркетите кога им врескаме на вработените, без да не заинтересира зошто тие работеле и по триесет дена без престан, без ден одмор.

Не треба само да си ја смируваме совеста со донации за помош на оние на кои востановените права на здравствена заштита им биле одречени. Така само го признаваме поразот – додава Миленковска.

uranijaУранија ПировскаЌЕ ЈА ВРАТИМЕ СЛОБОДАТА НА НАШИТЕ УЛИЦИ

Уранија Пировска од Хелсиншкиот комитет вели дека во овој период

раздвижувањето на граѓаните било забележливо и нивниот револт добил реална артикулација на улиците.

Од друга страна, стравот го замени бесот поради годините на толеранција на насилството, неказнивоста и целосната злоупотреба на институциите кои наместо да им служат на граѓаните им служеа на партиите на власт. Новата година нема да ја дочекаме со извојувана слобода, ниту пак со остварени очекувања, ако се имаат предвид партиските преговори и тоа што како краен продукт произлезе од нив. Сепак, нема да ја дочекаме поразени ниту пак обесхрабрени во желбата и ентузијазмот да ја вратиме слободата на нашите улици, на нашиот говор, мислите, убедувањата и во институциите кои на нас граѓаните ни припаѓаат – додава Пировска.

irena risticИрена Ристиќ: ЌЕ ПРОДОЛЖАМ ДА ДЕЛУВАМ

Ирена Ристиќ, актерка вели дека човечкиот потенцијал со години бил маргинализиран, игнориран и третиран како да не постои.

На улица излезе достоинствена, цивилизирана, едуцирана младина и повозрасна популација, кои заедно, рака под рака секојдневно извикуваа пароли чијшто НЗС е еден болен крик „Сакаме слобода!“. Се издвоија личностите со интегритет, наспроти опортунистите и апологетите на криминалната банда на власт, а конечно на виделина излезе и онаа најбројната и, според мене, најтажна група – исплашените – истакна Ристиќ.

Таа додава дека како идеалист по природа, целава ситуација ја принудува да не очекува ниту чуда, ниту инстант-просперитет во 2016.

Напротив. Знам само дека ќе се случи најприродното нешто. Пад на режимот и конечно соочување со пустошот што ќе го остават зад себе. Тие велат „Татковината се сака со дела!“ Јас им велам – да! И затоа и во 2016 ќе продолжам да “делувам”! – тврди Ристиќ.

mersihaМерсиха Смаиловиќ: ПОВТОРНО ЌЕ ПРОТЕСТИРАМЕ СО СТУДЕНТИ, ЗА БЕГАЛЦИ, ЗА ВОЗДУХ…

Мерсиха Смаиловиќ, активист вели дека протестирајќи на скопските улици со студентите, хонорарците, слободумните се бори за правата на децата да живеат во слободна земја од политичари кои немаат чувство за народот!

– Солидарноста се разбуди, ги надмина очекувањата но и вон границите на државата, иако полека, предрасудите сепак се разбиваат…. Но, повторно се вративме на почетокот, бегалците пак ги пресретнуваме на пругите, Европа и даде друга димензија на бегалската криза – претворајќи ја во криза на човештвото. И повторно ќе протестираме со студентите, со слободоумните, за бегалците, за елементарното право да дишеме… И се додека дишеме, макар и затруен воздух, ќе се бориме за нашите деца, за човештвото… И да, сите овие битки во 2015, ги водев со моето новородено девојче Амелија. Од таму доаѓаше енергијата, бевме две! – додава Смаиловиќ.

Фокус се заблагодарува на МОБ за отстапениот простор на малата сцена каде беше направена фото-сесијата

Среќен 8-ми март на сите припаднички на понежниот пол!

Поврзани новости