Една жена е повредена во левата надлактица од огнено оружје додека била на свадба во двор од куќа во Тетово, додека друго лице во полицијата пријавило дека ветробранското стакло на неговото возило било оштетено од огнено оружје после наплатната рампа во Тетово, кога покрај него минала свадбена колона.
Полицијата соопшти дека синоќа во 21:50 часот во Секторот за внатрешни работи Тетово од Клиничкиот центар-Тетово било пријавено дека кај нив била донесена Ф.А. (53) од Тетово со нанесена повреда на левата надлактица од огнено оружје. Таа додека била на свадбена веселба во дворот од куќа на улицата „Полог“ во еден момент се пожалила на болки, по што од еден присутните била пренесена во Клиничкиот центар во Тетово.
Вчера попладне, пак, околу 15:20 часот телефонски во Полициско одделение Камењане А.Р.(27) од с.Богојци-струшко пријавил дека движејќи се со патничко моторно возило „БМВ“ со австриски таблици на автопатот Тетово-Гостивар после наплатната рампа Тетово каде поминувала колона на возила при семејна веселба слушнал истрели од огнено оружје. Потоа видел дека ветробранско стакло било оштетено од огнено оружје.
Увид на местото на настанот извршила увидна екипа од СВР-Тетово, при што пронајдено било едно зрно од испукан куршум и било подигнато и предадено за помнатамошна постапка.