Одејќи точка по точка од новиот извештај на Европската Комисија за напредокот на Македонија, евроамбасадорот Самуел Жбогар заклучи дека пораките се лоши и дека не само што земјата не напреднала од лани, туку и има назадување во клучните критериуми за членство во Унијата.
Жбогар го посочи назадувањето во областа на судството, реформите во администрацијата, справување со корупцијата, медиумските слободи и економската политика, односно зголемуваањето на јавниот долг.
– Немаше напредок во судството во однос на минатогодишниот извештај и препораките, како и прашањата што беа содржани во преораките за реформски приоритети. Корупцијата, исто така, преовладува во многу области и останува сериозен проблем, тука немаше напредок во однос на минатогодишните препораки. Капацитетите за ефективно справување со корупцијата не се доволни и постои политичко мешање во соодветните тела. Немаше ниту напредок во поглед на борбата против организираниот криминал, потребна е подобра ефикасност во борбата против перењето пари и повеќе финансиски истраги, како и при конфискувањето имот. Слободата на медиумите останува сериозен предизвик во политичката клима, и покрај неодамнешните охрабрувачки знаци, недостигаше балансирано известување, а немаше ниту целосна транспарентност во владиното рекламирање. Заплашувањето и нападите против новинарите мора да престанат – изјави Жбогар.
Жбогар вели дека позитивно е што препораката за почеток на пристапните преговори останува, но под услов изборите да бидат веродостојни и Договорот од Пржино да биде целосно имплементиран.