Жан Митрев и Клиничката болница „Жан Митрев“ испратиле писмо до амбасадите на САД, Франција, Германија, Велика Британија, Холандија и до Делегацијата на ЕУ во земјава со кое ги информираат за текот на истрагата на Основното јавно обвинителство во случајот против нив, повикувајќи ги внимателно да ја следат целата истражна постапка.
– Ви се обраќам со намера да Ве информирам и запознам за случајот што верувам дека може да остави длабоки траги во општественото живеење, во перципирањето на здравствената професија и случај што претендира да воведе лоша пракса во правосудниот систем во државата. Ваквите примери можеби се ретки, но и како такви може да предизвикаат штета со далекусежни последици, се наведува во писмото.
Во писмото се бара зголемен мониторинг на судскиот процес заради „несериозниот и површен пристап“, бидејќи, како што се наведува, од сите оние што се повикани како сведоци пристигнуваат „сведоштва за несериозноста и нецелосно иследување“.
– И затоа Ви се обраќам со надеж и желба дека ќе го поттикне Вашиот интерес и ќе го побуди Вашиот фокус на мониторинг на овој случај. Верувам во една вистина, онаа што е поддржана со факти и онаа што некој ја доживеал, треба само да се создадат услови за истата да ја види светлината на денот и да се толкува таква како што е, недвосмислено и целосно, се додава на крајот од писмото.