Зголемување на пенизиите ќе биде една од првите одлуки на новата влада, но и раст на минималната и просечната плата, најави претседателот на СДСМ и мандатар за состав на новата влада, Димитар Ковачевски во своето експозе на денешната собраниска седница.
-Порастот на минималната плата ќе продолжи како и растот на просечната. Во првата половина на 2022 година ќе го иницираме и заокружиме економско-социјалниот дијалог за утврдување на новата методологија за пресметка и порастот на нивото на минималната плата, истакна Ковачевски.
-Одржувањето на животниот стандард и куповната моќ на населението мора да се задржи и зголеми. За таа цел, една од првите мерки на новата влада ќе биде поддршка на пензионерите, преку посебно зголемување на пензиите, порача Ковачевски.
Тој најави раст на Бруто домашниот производ до пет проценти.
-Клучна цел на економската политика на Владата ќе биде креирање поголем и одржлив раст на економијата и пораст на БДП со удвојување на стапките на економски раст на среден рок и тоа од 2,5%, на 5% просечен раст. Ова ќе го постигнеме преку зголемувањето на домашните и странските инвестиции, инвестиции во јавни и приватни проекти, како и значајно зголемување на ефикасноста во реализацијата на капиталните инвестиции, посочи Ковачевски.
Тој се осврна и на мерките што новата влада ќе ги преземе во делот на енергетиката, со цел да се зголеми производството од домашните капацитети за да се намали потребата од увоз на скапа електрична енергија.
– Владата ќе спроведе стратегија која на краток, среден и долг рок ќе обезбеди сигурност со снабдувањето на енергенси и одржливост на енергетскиот систем. Фокусот на обновливите извори на енергија и ефикасното искористување на расположливите природни ресурси, како што се сонцето, ветерот и водата претставуваат основа на македонската енергетска револуција, рече Ковачевски.
Тој потенцира дека со зголемување на домашното производство на електрична енергија преку инвестиции во нови зелени енергетски инфраструктурни проекти е вистинскиот пат кон обезбедување на енергетската независност на Република Северна Македонија.
– Во овој контекст, заштита на животната средина останува врвен приоритет бидејќи тоа значи обезбедување на здрава и сигурна иднина на следните генерации. Се залагаме за долгорочен одржлив развој што се темели на грижливо користење на природните ресурси, заклучи Ковачевски.