Пред домот на специјалната обвинителка Фатиме Фетаи веќе два дена има зголемено полициско присуство. Од специјалното обвинителство за Телма потврдија дека по барање на обвинителката Фетаи се преземени мерки за обезбедување на нејзиното живеалиште и на нејзиното семејство.
Причината според СЈО не се закани кон обвинителката туку претпазливост откако со безбедносни проценки е утврдено дека зголемени мерки се потребни поради лошата положба на домот на Фетаи.
Од специјалното обвинителство велат дека нивните обвинители досега не се жалеле на закани поради кои би чувствувале лична загрозеност, но имаат право да проценат дали има потреба да побараат обезбедување на домот и семејството како што направила Фетаи.
Ова е првпат да има зголемено обезбедување за еден од обвинителите и покрај постојаниот притисок и попречување на работата како што тврдат од СЈО во неколку наврати.