Надворешниот бруто-долг на државата достигна 6,7 милијарди евра или 70,9 отсто од БДП, објави Народна Банка.
Споредено со крајот на првиот квартал на 2015 година, надворешниот бруто-долг се зголемил за 1,8 процентни поени од домашниот бруто-производ, во услови на пораст на јавниот и на приватниот долг.
-Годишниот пораст на јавниот долг во најголем дел е предизвикан од порастот на долгот на државата поради емисијата на четвртата еврообврзница во декември 2015 година и понатамошниот пораст на долгот на јавните претпријатија за поддршка на патната инфраструктура. Кај приватниот долг, порастот најмногу се должи на заемите помеѓу поврзани субјекти, односно забележан е значителен пораст на меѓукомпанискиот долг – се вели во кварталниот извештај на Народна банка.
Во него се додава дека показателите за надворешната задолженост на домашната економија и понатаму покажуваат дека надворешниот бруто-долг се уште се наоѓа во „безбедната зона“.