402
Охридкиот атлетски маратон заминува во историјата и годинава ќе го има своето последно одржување, откако Општина Охрид и градоначалникот Никола Бакрачески не сакаат финансики да го поддржат.
Организаторите на маратонот, чиј триесетти јубилеј ќе се случи на 8 септември, односно на Денот на независноста на Македонија, велат дека веќе не можат да се справат со финансиската криза, па ова ќе биде воедно и јубилејно, но и последно одржување.
-Во изминативе години, голем број фирми го помагаа одржувањето на атлетскиот маратон, кој што привлекуваше многу учесници од повеќе земји. Ни помагаше и мојот пријател Живко Стојчески, нашинец кој што живее во Австралија, а пак општината учествуваше со доста мал придонес, не би ја спомнувал сумата. Оваа година повторно доставивме барање до општината, но сеуште нема одговор дали ќе добиеме некаква помош. Времето за одржување на маратонот се ближи, пријавени се околу стотина учесници, ги има и од соседните земји, но имаме атлетичари кои што ни доаѓаат дури и од Кенија. За жал, без помош од општината и градоначалникот, ќе мораме да ја згаснеме оваа традиционална манифестација – ни изјави Пецо Неданов, претседател на здружението „Охридски Атлетски Маратон 2012“.
Инаку, маратонот започнува од Свети Наум, и завршува до центарот на Охрид, во должина од околу 30 километри.
Градоначалникот Бакрачески не одговори на нашите телефонски повици, ниту пак на СМС пораките.
До маратонот остануваат уште неколку дена, а од здружението стравуваат дека ова ќе биде последниот круг на маратонците во Охрид.