Зетот на Тоше открива за хрватските медиуми: Зошто 11 години не е средено гробното место на музичката икона

by fokus

Славен Ристески, сопругот на сестрата на Тоше Проески, Дора, во разговор со хрватскиот медиум Vecernji.hr открива зошто и по 11 години од смртта на музичката ѕвезда, гробното место се уште не е средено и Тоше почива без достоинствен споменик.
Како што пренесува медиумот, набргу по смртта на Тоше, во 2008 година, тогашната Влада донела одлука за изградба на меморијален споменик на трагично загинатиот музичар. Рокот за изградба бил две години и бил одобрен буџет за таа намена, но до денес ветувањето не е исполнето.

-Со гробот настана проблем кога првата Влада по смртта на Тоше ни кажа дека ќе ја превземе изградбата. Се се одолговлекуваше, па родителите сакаа сами да го изградат гробот. Тогаш, општината, градоначалникот на Крушево и тогашната Влада рекоа дека сепак тие тоа ќе го направат. Минатата година добивме нова Влада, а нејзините претставници за медиумите изјавија дека оваа пролет ќе започнат со изградбата на гробот, но се уште ништо не се случува. Семејството веќе има изготвен проект за неговата гробница, се надевам и верувам дека власта ќе го исполни своето ветување до следната година – изјавил Ристески за Vecernji.hr, додавјќи дека обожавателите, но и семејството се лути што пејачот се уште не добил споменик и гробница какви што заслужува.

Во медиумот, исто така е наведено и дека сликата на импровизираната гробница на Тоше е навистина тажна. Тепих од вештачка трева, бекатон плочки кои пропаѓаат и тонат, импровизирана метална конструкција покриена и заградена со најлон и пластика – пишува Vecernji.hr.

„Фокус” се обиде да стапи во контакт со Ристески, со цел да ја потврди автентичноста на интервјуто, но тој не беше достапен на мобилниот телефон.

Уште лани, во ноември, Владата информираше дека ќе одвои 10 милиони денари од буџетот за 2018 година, за изградба на спомен обележје во Крушево. Тогаш, Ристески ни изјави дека родителите на Тоше и сите блиски роднини се задоволни и благодарни поради одлуката.

Кон крајот на месец август годинава, крушевскиот градоначалник Томе Христоски информираше дека Владата донела одлука за одобрување и префрлање на средства од Министерството за култура на сметката на Општина Крушево.

-Владата на Р. Македонија на последната седница донесе Одлука и Програма за доделување на средства кои ќе бидат префрлени од Министерството за Култура кон Општина Крушево за изградба на Спомен обележје, достоен вечен дом на нашата музичка поп икона, сограѓанин и другар Тоше Проески. Општина Крушево од 27.08.2018 година (понеделник) ќе започне со активностите за изработка на проект за изградба на достоен вечен дом на Тоше Проески – изјави Христоски пред околу два месеци.

На нашето прашање до Христоски, кога ќе започне долго најавуваната реставрација на гробното место, не добивме одговор.

Првата најава дека државата ќе ја изгради гробницата на Тоше беше соопштена од страна на Елизабета Канческа – Милевска, која во тој период беше државен секретар за култура, околу еден месец по смртта на Тоше, во 2007 година.

Според тогашната најава, носители на проектот беа Министерството за транспорт и врски и Општината Крушево.

Тогашната градоначалничка на Крушево, Левкија Гажоска информираше дека поради временските услови, но и поради обезбедувањето на потребната комплетна документација, градежните работи би започнале најрано во март, 2008 година.
Денес се навршија 11 години од смртта на Проески. Кога точно ќе се започне со реставрацијата и кој е крајниот рок за изградбата на гробното место, нема официјална информација.

Вики Клинчарова

Поврзани новости