Неспорно е дека Собранието ќе утврди предлог за разрешување на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, а најверојатно ќе згасне и СЈО, но дали имаме алтернатива пред граѓаните?, праша пратеникот од БЕСА, Фадил Зендели на денешната собраниска седница.
-Сигурно дека специјалниот обвинител ќе се разреши. Ја почитувам пресумпцијата на невиност, но, Рекет не го погоди само правниот систем, туку и надежта на граѓаните. Нас ни отсуствуваат институционални капапцитети кои ќе ги исполнат барањата на граѓаните и стандардите на меѓународната заедница. Вградување на меѓународниот фактор во правниот систем, како во други земји, ќе беше излез од овој ќор-сокак. Ние немаме капацитет за надминување на овие проблеми. Затоа треба да размислуваме за различни модели, ако треба и уставни измени, да пристапиме кон патот кој сме го изгубиле“, кажа Зендели од собраниската говорница.
Седницата е во тек. За Собранието да утврди предлог за разрешување на Јанева, потребно е двотринско мнозинство и бадинтерово гласање. Доколку пратениците се „за“ разрешување на Јанева, предлогот се доставува до Советот на јавни обвинители кој го финализира разрешувањето.
Постапката започна поради незаконито, несовесно и нестручно вршење на функцијата, откако Катица Јанева заврши во притвор како осомничена за случајот „Рекет“.