Земјоделскиот факултет, Апелацискиот суд, неколку болници и градинки, три училишта и повеќе станбени згради имаат штети од земјотресите, информираат од Институтот за земјотресно инженерство и сезмологија Скопје (ИЗИИС).
Од таму сепак смируваат дека стабилноста на објектите не е доведена во прашање, бидејќи како што тврдат, оштететувањата биле во неконструктивните делови на објектите.
Засега има забрана за користење на две училници во основното училиште „11 Октомври“, а во градинката „Раде Јовчевски Корчагин“ и во клонот „Јасмин“ на градинката „13 Ноември“, поради паѓање на малтерот во некои занимални, децата се префрлени на згрижување во други простории.
Освен тоа, до денеска над 500 граѓани пријавиле штети во своите домови. Најмногу од пријавите се однесуваат на оштетени покриви, фасади, скршени прозорци, паднати плафони и оштетени возила.