Како држава, имаме огромен потенцијал за развој преку земјоделството. Со силно земјоделие и успешен земјоделец, немаме потреба од нови капацитети на тешка и загадувачка индустрија и рудници во плодните котлински предели.
Пишува: Перо КОСТАДИНОВ
Земјоделството, без сомнение, е економска гранка од витално значење за заедницата. Не само поради производството на храна, туку и за руралниот развој, животната средина и опстанокот на македонските села. Многу работни места се поврзани со земјоделството.
Преку потребите од механизација, репроматеријали, гориво, вештачко ѓубриво и слично, многу луѓе обезбедуваат работно место. Исто така, и секторите, како што се подготовката, преработката, пакувањето храна, складирањето, транспортот и малопродажбата.
Отсуството на земјоделци и развиено земјоделие би имало особено неповолно влијание, не само врз селата, туку и врз градовите. Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство инвестира во развојот и модернизацијата на земјоделството и силно ги поддржува земјоделците.
Модернизацијата со современа механизација, преку грантови во висина до 10.000 евра за набавка на опрема, поддршката на земјоделките, како и поддршката на малите производители на храна, вино и мали дестилерии се исклучително важни за развојот на оваа општествена сфера.
Продолжувајќи ги позитивните трендови, како држава, сме на вистинскиот пат. Создаваме модернизирана и силна гранка, која е суштинска за севкупниот развој.
ЛИДЕРИ ВО ИСКОРИСТЕНОСТ НА ИПАРД
Како земја, лидери сме во регионот по искористеноста на средствата од ИПАРД 2 програмата, со висок процент на искористеност од 98 проценти, склучени над 2.000 договори и реализирани успешни индивидуални и семејни иницијативи во земјоделството.
Истовремено, добивме зголемување за 62 проценти неповратна поддршка од ЕУ преку ИПАРД 3 програмата и неповратни 97 милиони евра европски средства за нови инвестиции, развој и модернизација на македонското земјоделство.
Правопропорционално со ова, годините зад нас се инвестираше во капитални инвестиции и изградба на значајни проекти, како браната Конско, Јужен Вардар, ХС Равен – Речица, браната Речани и десетици други проекти.
Илјадници хектари земјоделско обработливо земјиште добија современи системи за наводнување и значајно се подигна нивото на македонското земјоделие. Овозможено е навремено наводнување, помали трошоци и поконкурентно производство на македонскиот земјоделец.
Како држава имаме огромен потенцијал за развој преку земјоделството. Со силно земјоделие и успешен земјоделец немаме потреба од нови капацитети на тешка и загадувачка индустрија и рудници во плодните котлински предели.
Иднината е во дополнителниот развој на оваа гранка, особено во делот на органското производство и здравата храна.
ОРГАНСКО ПРОИЗВОДСТВО
Земјоделците имаат најголема потреба да се грижат за природните ресурси. Тие се соочени со двоен предизвик: како да се произведе храна, а истовремено и како да се заштити природата и биолошката разновидност.
Еколошки одржливото земјоделство, кое подразбира разумно користење на природните ресурси, е од клучно значење за производството на храна и нашиот квалитет на живот. Неопходно е да се зајакне свеста кај сите нас за важноста на здравата храна и за целокупната животна средина.
Остатоците од пестициди во околината се поврзани со бројни болести кај луѓето и се опасни за развојот на децата. Тие се директно поврзани со намалувањето на популацијата на корисни инсекти, особено пчелите. Почвите стануваат сѐ покомпактни, нивната структура е уништена, и на тој начин се спречува нормалниот раст на растенијата.
Овој проблем не постои кај органските техники. Органското земјоделство како алтернатива е форма на земјоделство што се потпира на одржливи техники за подобрување на природната плодност.
Ваквиот земјоделски пристап ја нагласува одржливоста, отвореноста, независноста, здравјето и безбедноста. Зачувувањето на природните ресурси и биодиверзитетот е основен принцип на органското производство. За сево ова да се спроведе потребна е темелна едукација од најмали години и реформи што ќе допрат до секој човек.
Предизвиците на новото време бараат повторно утврдување на приоритетите, силно заедништво и долгорочни цели, кои нѐ движат кон прогрес. Одговорноста кон животната средина е заедничка. Зад нас да оставиме одржлив систем втемелен на чиста животна средина и одржлив развој. Пред нас е голема можност. Сега е вистинското време за акција.
(Авторот е потпретседател на СДСМ)