Земјава меѓу рекордерите во фрлање храна, наскоро закон и стратегија

by fokus

Организацијата за храна и земјоделство на ОН (ФАО) ја рангира земјава на осмото место во светски рамки по количините фрлена храна според бројот на жители. Честопати сме ставени и на листата рекордери во загуба и отпад од храна, а истовремено се соочуваме со неможност да обезбедиме доволно храна за ранливите социјални категории. Бројките се многу загрижувачки и покажуваат дека 460.000 жители во нашата држава немаат постојан пристап до храна. Трендот во загубите е нагорен и околу 30 отсто од храната произведена или увезена, никогаш не се консумира, бидејќи се расипува веднаш по берењето во текот на транспортот или е фрлена од големите трговски синџири и потрошувачите, рече министерот за земјоделство Трајан Димковски на денешната консултативна работилница за креирање стратегија и надминување на овој проблем.

Покрај негативниот ефект врз животната средина, соочени сме, дополни Димковски, и со големи количества храна кои завршуваат на отпад, наместо да стигнат до оние на кои им се најпотребни.

– Ова е загрижувачки податок кој јасно укажува на важноста на проблемот и потребата од усогласени политики и преземање акција на сите нивоа. Со намалување на отпадот и дистрибуција на вишокот храна до луѓето на кои им е потребна, би можело значително да се ублажат гладта и сиромаштијата кај нас, нагласи министерот.

Тој го најави новото законско решение кое ќе овозможи донирање на вишокот храна и нејзино безбедно завршување кај ранливите категории граѓани. Законот е во владина процедура, а беше инициран од невладината „Ајде Македонија“.

– Предлог-текстот предвидува организирање соодветен систем за донирање на храната, негово спроведување преку формирање посебна група оператори со храна кои ќе работат со донираните количини, одредување категории на корисниците на храната и мерки за безбедноста на донираната храна. Клучно е што пристапот е многу флексибилен за де да опфатат што повеќе учесници во системот, објасни раководителот на Секторот за јавно ветеринарно здравство во Агенција за храна и ветеринарство, Сашко Арсов.

Паралелно со изготвувањето на законското решение, МЗШВ почна комплексен процес кој инволвира институиции и претставници од приватниот сектор за да се намалат загубите на храна. Во рамки на овие активности, извршена е анализа на шест вредносни синџири на овошје и зеленчук, јаболка, сливи, праски, домати, зелка, пипер, култури со висока вредност и склони кон загуби и отпад.

Како што беше речено на работилницата, во светски рамки речиси една третина од вкупно произведената храна на годишно ниво се фрла, 800 милиони луѓе живеат со ризик од глад, додека пет милиони деца умираат. Милениумската цел на Обединетите нации до 2030 година да се преполови отпадот од храна, придонесе голем број земји да преземат активности во оваа насока и наместо фрлање, храната да се донира на најзагрозените.

Поврзани новости