Пишува х. Сулејман еф. Реџепи
Да останеше во Македонија Албанецот од гостиварско, Џабир, татко му на Ферид Мурати, синот што во Америка се здоби со слава и со Нобелова награда за медицина денес веројатно би правел мелеми во Лакавица и би се бавел со бабини деветини. Фала му на Бога, нашиот паметен слаткар фати уџум на време и му овозможи на својот потомок достоинствено и со подеднакви шанси да се натпреварува и да со пробие во светот на науката. Ете го денес: почитуван, ценет, славен и богат. Дојде неколку пати во родното село на Џабир, се прегрна со тетките и вујните, пушти некоја солза-и толку.
Во сите анкети меѓу албанските студенти, Ферид Мурати е на врвот на листата како личност што им служи за модел и ги потикнува нивните стремежи .
За жал, соништата и очекувањата на нашите момци и девојки, без оглед на нивната припадност, нај често остануваат убави украси во анкетите. Реалниот живот, ги води децава во непознато или во локалните ограноци на владеечките партии за да и таму служат како украс. Во листите за вработување, во гласачката машинерија, во бројките што треба да исполнат некој автобус што врви кон митинзи. На крајот, филан фистекот, некогашниот прекрасен, вреден и талентиран студент , со жалење го гледаме на некој шалтер како удира штембили.
Интелектуалниот екзодус
Комуницирам со многу млади луѓе, ги чувствувам нивните тегоби и се обидувам да ги советувам околу проблемите со кои што се соочуваат. “Молете се за нас, Реис ефендија. Нашиот проблем не е во тоа што сакаме да останеме тука , туку во неможноста да избегаме. Ќе ја зграпчиме секоја прилика за да избегаме и да миеме садови, да им пружиме шанса на нашите деца. Нели родителите треба да се жртвуваат за своите деца, Реис ефендија…“
Така некако завршуваат овие тажни разговори, а ние си немаме ниту претстава колку млади луѓе ја напуштаат земјата како што и државните институции не можат да кажат вистински бројки за одливот на младите луѓе. Многу голем дел на овие млади луѓе имаат факултетски дипломи а меѓу нив има и такви што се сметаат за експерти, а ние едноставно им ги подаруваме на другите. Тие момчиња и девојки им го подаруваат на другите својот идентитет и потекло, својата младост и своето знаење.
Позната ми е злобноста на некои сиви еминенции што се радуваат на таквиот тренд бидејќи така, велат, во молк ги снемувало младите Албанци муслимани. Ама, не ќе да е баш така, бидејќи истовремено и масовно, исто така во молк, си одат и младите Македонци. Анализите пак покажуваат нешто многу поразително за сивите еминенции. Имено, младите Албанци што одат на Запад, често и се враќаат или не ги прекинуваат односите со својот роден крај. Кај Македонците пак е познато дека ако еднаш се иселат, веќе не се враќаат. Слушнал ли некој за некој Македонец што се вратил од Австралија или Канада ?
Во секој случај, било да се Албанци или Македонци, одливот на мозоците е погубен процес за Македонија. Тие можеби почнуваат со миење на садови но со време успеваат да се етаблираат во западните друштва и да ги покажат своите вредности. Ама, земјава се по малку ќе има способни експерти за информатика, лекари и високообразувани луѓе од други профили.
За жал, Македонија останува една од оние чудни земји во кои што стануваш по голем проблем колку повеќе даваш од себе и во кои друштвото не ги препознава вистинските квалитети и стручните луѓе. Тука се може да се прости освен успехот па не е воопшто чудно што отфрлените кај нас, надвор блескаат.
Збогум мозоци
Во сета оваа приказна, нај жално е тоа што никој во државата нема озбилна стратегија да ги задржи овие луѓе туку, напротив, се добива впечаток како да постои некој таен договор да се ослободат од нив.
Владее мислење во Македонија дека младите што завршуваат факултет, стануваат лесен плен за политиката и политичките партии кои што меѓу нив регрутираат активисти ветувајќи им вработување. Значи, тие што не се спремни да се шлепуваат со политиката за да успеат, никогаш нема да ги постигнат посакуваните резултати. Ама, да ли е баш така, да ли нашите млади и перспективни мозоци се “ овци за стрижење“ ?
Мислам дека е многу погрешно и многу навредливо да мислиме така за нашите млади, така нека продолжат да мислат политичките махери. Во времето кога светот буквално стана едно мало село во кое што секој за сешто знае се, сериозно верувам дека се случува обратното од тоа што го намислиле произведувачите на магла. Бидете сигурни дека на крајот, махери ќе испаднат младиве што се приморани да изигруваат послушници за да можат да преживеат. Но, при првата прилика тие ќе фатат уџум како Џабир од Лакавица.Ќе наминат ли нивните деца некогаш да ја посетат оваа егзотика, тешко е да се пртдпостави. Дури ми се чини дека тие тешко ќе прифаќаат да ги пикнеме и во графата “диаспора“.
Збогум мозоци. Многу би сакал да останете тука меѓу нас, толку многу сте ни потребни. Но, свесен сум дека на младите, паметните и талентираните им треба амбиент кој што ќе ги мотивира да останат. Знам дека вам многу повеќе ви значи еден напреден компјутер од сите лавови и коњи, една модерна болница ви е по битна од сите барокни и рококо зданија. Знам дека ве убива во поим криминалот и корупцијата, а сега богами може да ве убијат и оние чудни честички што кружат над нас како јавачи на Апокалипсата, и водата што се повеќе е загадена, планините без дрвја.
Збогум и со здравје. Мирот Божји нека бдее над вас. Во меѓувреме, белким ќе се случи нешто за да сватат господарите на нашите ситуации дека конечно треба да престанеме да извезуваме млади луѓе и мозоци и дека од извоз на патлиџани и пиперки може да се живее убаво.