Земја на незадоволни луѓе

by Фокус

За работничката класа и за вработените во јавниот сектор, трагично е што имаат вакви синдикални „лидери“, кои по ништо и со ништо не се разликуваат од политичарите. Си ги гледаат само своите лични интереси како синдикални „избрани и именувани“ функционери и ништо повеќе.

Пишува: Ристе ЉУБОТЕНСКИ

Сосема беше јасно дека по непромисленото и алчно покачување на функционерските плати ќе следи „лавина“ од барања во сите сектори на државата за исто такво покачување на платите на вработените во нив.

Тоа што „оваа држава“ е крајно сиромашна, поплавена од бирократија и неспособни „избрани и именувани“ лица, никој не го интересира. Сите сакаат плата!

А пари нема, па нема! А како и да ги има кога во државата (колку и актуелни жители да има), нови вредности и пари создаваат само двесте до двесте и педесет илјади вработени.

Сите други само трошат и се врз нивниот грб. Затоа со години тапкаме во место и нема ниту раст, ниту развој.

Од „силните“ економски политики на секоја досегашна влада дојдовме во состојба кога буџетот на државата е речиси половина од БДП што во државата се создава во текот на една година.

ШТРАЈКОМАНИЈА

Со давачки од педесет пари на секој новосоздаден денар, стопанството треба да ги зголемува платите на вработените затоа што без нив не може да се одржува и така ниското ниво на продуктивност, да биде конкурентно на меѓународниот пазар на стоки и услуги, да инвестира во нови технологии итн.

Господ да слегне од небото не ќе може да го направи тоа!

Парадоксот да биде поголем и општествената шизофренија докрај изразена, во последните десетина години, за плати штрајкуваат сите, но не и вработените во стопанството. Изгледа дека до и за нив не може да дојде редот!

Нема збор за условите за работа и платите на вработените во здравството, образованието и на нив сличните дејности што ги сервисираат секојдневните животни потреби на граѓаните.

Но, ете, во земјата на чудата дојде време да штрајкуваат (со право или не) и вработените во државната, судската, обвинителската и која ли не друга администрација.

И со право. Кутрите, се „отепаа“ од веење партиски знамиња, лепење плакати и топорење по партиски митинзи за да се вработат во државната администрација, а гледај сега, богати, за нив нема пари за плата.

Ама логиката им е здраворазумска – ако има за „избраните и именуваните“, мора да има и за нас. И во право се!

СИНДИКАЛНИ „ЛИДЕРИ“

Мој совет им е да продолжат да штрајкуваат. Во „оваа држава“, тоа е единствениот начин кој било, за што било да се избори на „демократски“ начин. Очигледно политичарите не разбираат друг јазик, па затоа штрајкот е оној фактор кој им го активира условниот рефлекс за политички опстанок.

За работничката класа и за вработените во јавниот сектор трагично е што имаат вакви синдикални „лидери“, кои по ништо и со ништо не се разликуваат од политичарите. Си ги гледаат само своите лични интереси како синдикални „избрани и именувани“ функционери и ништо повеќе.

Да е поинаку, освен прашањето за покачување на платите, ќе ги истакнуваат и прашањата за условите за работа, превработеноста во државната и јавната администрација, стручноста и ефикасноста, во работењето, напредувањето во кариерата итн.

Но, за жал, како и политичките функционери, и тие се фаќаат за она што најлесно се лепи за луѓето – парите.

Затоа, додека вработените во државната и јавната администрација имаат такви синдикални „лидери“, ќе имаат и такви плати, услови за работа, бројна состојба…

Поврзани новости