Вие Бугарите, слободно земете си го Васил штом го сакате, од нас го добивате гратис и Боки13, е само еден од илјадниците коментари објавени на страницата на бугарскиот музичар и ТВ водител Слави Трифонов, кој вчера јавно му порача на Гарванлиев да си дојде во Бугарија, каде ќе му овозможи работа и достоинствен живот.
Тој објави дека во Македонија е актуелна кампања против Васил, за да не настапува на Евровизија, бидејќи имал бугарски пасош.
-Бугарија е насекаде, каде има дури и само еден Бугарин. Во Северна Македонија има многу Бугари, но јас зборувам конкретно за Васил Гарванлиев, кому му предлагам да си дојде во Бугарија. Бугарите треба да се поддржуваме – напиша помеѓу другото Трифонов, кој има околу 400.000 следбеници на социјалните мрежи.
Неговата објава за кратко време доби над 14.000 допаѓања, но и илјадници коментари, од бугарски, но и од наши граѓани, кои меѓусебно се напаѓаат и навредуваат.
Бугарската јавност будно ги следи настаните со Гарванлиев, а во знак на негова поддршка беше започната оналјн петиција, во која се тврди дека Македонците го дискриминираат поради сексуална ориентација и бугарска националност.
Дури и Красимир Каракачанов, вицепремиер и министер за одбрана на Бугарија јавно го поддржа нашиот евровизиски претставник, а неговата партија ВМРО соопшти дека доколку Македонија не го испрати на Евровизија, тој ќе биде бугарски претставник на настанот наредната година.
И додека во соседна Бугарија случувањата со Васил се топ тема, МРТ мудро молчи по повод настаните и се уште се нема огласено јавно со свој став по повод бурните реакции на македонската јавност, но и петицијата во која се бара тој да не ја претставува нашата земја на настанот, а е потпишана од околу 20.000 граѓани.
Пред три дена се објави кратката вест дека МРТ формирала интерна комисија која ги разгледува и анализира сите аспекти кои произлегле од реакциите на јавноста, во врска со Евросонг.
-Јавниот сервис исто така ќе ги има предвид обврските нотирани во лиценцата за учество, како и обврските кои произлегуваат од членството во Европската радиодифузна мрежа –ЕБУ, каде МРТ е составен дел од здружението на јавни сервиси во Европската Унија. Наскоро јавноста дополнително ќе биде информирана за конечната одлука на МРТ – беше краткото соопштение од страна на Мери Попова, долгогодишна шефица на нашата евровизиска делегација.
,,Фокус” стапи во контакт со неа, со цел да добиеме одговори на повеќе прашања од јавен интерес по повод случувањата со Гарванлиев.
Со оглед на тоа што Попова ни откри дека комисијата само прави анализа, а повисоки инстанци во МРТ носеле одлука што понатаму, ја прашавме кои се тие повисоки инстанци, како и кои се членовите на комисијата, со име и презиме.
Нејзиното барање прашањата да и ги доставивме на меил, го реализиравме уште пред три дена, но до објавата на веста таа не ни ги даде одговорите на темата која е актуелна и предизвика голем јавен интерес.
Дали постои реална можност да се откаже учеството на Васил, со оглед на тоа што не се прекршени правилата на ЕБУ, туку од дел од јавноста е обвинет за кршење на непишаните морални правила, дали доколку се оди на настанот со друг претставник тоа е временски изводливо, со оглед на тоа што Евровизија ќе се одржи во мај, дали се размислува за промена на начинот на избор на наш претставник на настанот, во кој би се вклучиле и граѓаните со гласање, и колкав буџет е предвиден годинава за учеството на Евровизија, доколку тоа се реализира, беа дел од прашањата на кои шефицата на нашата евровизиска делегација, Попова не ни даде одговори.
И токму игнорантскиот однос и молкот на темата од страна на надлежните во МРТ, во време кога македонската, а и бугарската јавност се бранува поради настаните, го наметнува прашањето – Дали ние сме дораснати за еден сериозен настан како Евровизија, за кој е потребен професионален и одговорен пристап од секој аспект, а секако и транспарентност од страна на организаторот, посебно кога ќе се случат настани кои предизвикуваат говор на омраза и јавен линч.
Без оглед на конечната одлука околу тоа дали Васил ќе не претставува на Евровизија или пак учеството ќе му биде откажано, се поизвесно е дека тој е единствената жртва врз која се врши јавниот линч, додека организаторот кој ги дозволил ненамерните или пак намерни пропусти кои го предизвикаа линчот, се уште нема излезено на прес со свој став и појаснување на околностите кои ја вознемирија пошироката јавност.
Вики Клинчарова