Чешкиот претседател Милош Земан денеска во Охрид оствари средба со неговиот македонски колега, Ѓорѓе Иванов. По средбата, Земан ја пофали Македонија за начинот на кој се справила со мигрантската криза.
-Тука сум во Македонија за да ја изразам почитта и личното признание за начинот на кој македонскиот народ се справи мигрантската криза, притоа бранејќи ја не само својата, туку и границата на Европа. Нашиот став е дека Република Македонија покажа далеку поголема одважност од некои од државите членки на ЕУ и НАТО и оттаму сакам да ја изразам потполната поддршка на Република Македонија за нејзина целосна евроатлантска интеграција, рече чешкиот претседател.
Иванов пак, ја истакна потребата од глобален и координиран ангажман и засилена соработка меѓу државите при справувањето со сите новонастанати предизвици, особено на безбедносните ризици и закани, притоа изразувајќи благодарност до претседателот Земан за целокупната поддршка што Чешката Република ја дава на Македонија во справувањето со бегалската криза – со присуството на чешки полицајци, како и со помошта во опрема за контрола на границата.