Претседателот на Чешката Република Милош Земан денеска изрази жалење што новата влада се подготвува да ја укине обврската за вакцинација против Ковид-19 за лицата над 60 години и некои професии, почнувајќи од лекарите и медицинскиот персонал до армијата и полицијата, бидејќи, како што оцени, задолжителната вакцинација ќе спречи повторување на нови бранови на пандемијата.
– Не ми пречи укинувањето на вонредната состојба. Но, јас сум еден од ретките поддржувачи на задолжителната вакцинација. Мојот аргумент е едноставен – луѓето често не ни знаат дека веќе имаме задолжителна вакцинација против голем број болести. Нема да биде важно дали на тој сет ќе ја додадете вакцината против Ковид-19. „Со омикрон и козметички мерки, брановите на пандемијата се закануваат да се повторат“, рече чешкиот претседател во интервју за приватната телевизија Си-Ен-Ен Прима.
Земан го отфрли аргументот на антиваксерите дека наводно се работи за експериментална вакцина и ги обвини дека со организирањето протести само се одмаздуваат на другите поради сопствената безначајност.