Зеленски: Во Мариупол останаа само урнатини

by Fokus

Украинскиот претседател Володомир Зеленски рече дека „не останало ништо“ од Мариупол, откако Киев апелираше до Москва да им дозволи на цивилите да го напуштат опколениот јужен црноморски град.

-Таму ништо не остана. Само урнатини, рече Зеленски во видеообраќањето пред италијанскиот парламент.

Мариупол, клучна стратешка цел за Москва, издржа неколку недели руско бомбардирање, во кои го запре напредувањето на руските сили по брегот на Црното Море. Официјални лица велат дека жителите останале без храна, лекови, струја или вода.

Додека Зеленски зборуваше, советот на Мариупол рече дека руските сили фрлиле две големи бомби врз градот, но не даде детали за жртви или за штетата.

-Уште еднаш е јасно дека окупаторите не се заинтересирани за градот Мариупол. Тие само сакаат да го срамнат со земја и да остават само пепел, соопшти Советот.

Русија негира дека цивилите се нејзини цели.

Претходно, вицепремиерката на земјата, Ирина Верешчук, ги повтори повиците за хуманитарен коридор за да им се дозволи на цивилите да си заминат.

Подоцна, таа рече дека најмалку 100.000 луѓе сакале да заминат, но не можеле.

Во понеделникот Украина го одби ултиматумот градот да се предаде како услов руските сили да ги пуштат цивилите безбедно да си заминат.

 

Поврзани новости