Украина тврди дека нејзините војници и натаму се борат за контролата над источниот град Бахмут, откако претседателот Володомир Зеленски претходно на маргините од самитот на Г7 во Хирошима за новинарите рече дека градот „сега е само уште во нашите срца“, додека рускиот претседател Владимир Путин веќе го честита „ослободувањето на градот“.
Запрашан пред средбата со американскиот претседател Џо Бајден во Јапонија, дали украинската војска сѐ уште се бори во Бахмут откако шефот на руската приватна воена компанија „Вагнер“, Евгениј Пригожин, објави дека неговите борци го заземале градот, Зеленски прво дал нејасен одговор, а потоа на повтореното прашање одговорил „Мислам дека не“.
Портпаролот на украинскиот претседател подоцна излезе со толкување дека Зеленски одговорил наводно на вториот дел од прашањето.
„Новинарското прашање: Русите рекоа дека го заземале Бахмут… Одговорот на претседателот: Мислам дека не“… На тој начин претседателот го негираше освојувањето на Бахмут“, напиша на Фејсбук портпаролот Серхиј Никифоров.
Пригожин во саботата објави дека руските борци целосно го заземале градот Бахмут на административната граница на југоисточната украинска доминантно руско и рускојазичен регион Доњецк, кој се отцепи по превратот во Киев во 2014 година, а од ланскиот септември со референдум, кој не го признава меѓународната заедница, се присоедини на Руската Федерација.
Станува збор за најдолгата и најкрвава битка со илјадници жртви на двете страни во 15-месечната војна во Украина.
„Тоа е трагедија.. Ништо не остана (таму)“, рекол Зеленски во Хирошима.
Руското Министерство за одбрана, пак, накратко објави „дека ослободувањето на Бахмут е завршено како резултат на нападот на јуришните одреди Вагнер, со поддршка на артилерија и воздухопловни сили“.
Рускиот претседател Путин истовремено во неделата им честиташе на групата „Вагнер“ и на руската војска на, како што истакна, ослободувањето на Бахмут, кој во Русија се именува по неговото име од советскиот период Артјомовск.
Во соопштението објавено на веб-страниците на Кремљ, Путин наведува дека битката завршила со руска победа и дека оние коишто учествувале во неа ќе добијат државни признанија.