Претседателот на Украина, Володимир Зеленски рече дека е можно да се преговара за решение за Крим кој беше анектиран од Русија во 2014 година.
„Кога ќе бидеме на административните граници на Крим, мислам дека ќе биде можно политички да ја принудиме Русија да ја демилитаризира територијата на полуостровот“ – рече Зеленски во интервју кое денеска го пренесоа неколку украински медиуми.
Киев постојано ја искажува својата намера да го врати Крим, како и сите области окупирани од почетокот на војната во февруари 2022 година.
Украинските војници на југот на земјата постепено напредуваат кон брегот на Црно Море, во обид да ја прекинат руската рута за снабдување.
Зеленски кажа дека политичкото решение за Крим би било подобро бидејќи тоа би значело помалку жртви.
Тој нагласи дека не сака војната да се префрли на руска територија.