Зелената агенда на ДУИ на терен: Груби и Мерко ќе ги проверуваат платформите

by Fokus

Првиот вицепремиер и министер за политички систем Артан Груби денеска ќе оди во Струга, во увид на платформите на Охридското Езеро, во општината каде што градоначалникот Рамиз Мерко е од редовите на ДУИ.

Од кабинетот на Груби соопштија дека посетата е во рамки на зелената агенда. Вицепремиерот, како што се соопштува, заедно со градоначалникот на Струга и со министерот за информатичко општество и администрација Јетон Шаќири, ќе изврши увид на платформите на овој дел од Охридското Езеро.

Премиерот Зоран Заев минатата недела, кога даде поддршка за акцијата за рушење на дивоградбите на крајбрежјето во Охрид, го прозива и струшкиот градоначалник, посочувајќи дека се надева оти наскоро ќе ја поздрави одлучноста и на Општина Струга.

Според Мерко, пак, Струга нема никаков проблем со заштита на природното и културното наследство и нема градби во заштитената зона.

-Целосно е запазена зоната покрај езерото да нема градби, ниту диви ниту со дозвола, тврдеше Мерко кога министерката за култура предложи одземање на ингеренциите на општините Охрид и Струга, во делот на заштитата на природното и културното наследство.

Зелената агенда, која неодамна ја најави како новина лидерот на ДУИ, Али Ахмети, од старт наиде на резерва кај дел од јавноста, поради тоа што кадри на оваа партија со години наназад се на чело на Министерството за животна средина, додека дел од општините под контрола на интегративците постојано се соочуваат со големи еколошки проблеми.

Поврзани новости