Активистите од граѓанската коалиција „Зелен хуман град“ објавија дека на локалните избори што се најавени за наесен ќе настапат со независна и непартиска листа на кандидати за членови на Советот на град Скопје.
Оваа одлука ја соопшти Драгана Велковска, активист и советник во Град Скопје и авторот на популарната апликација која ги презентира податоците за аерозагадувањето „Мој воздух“, Горјан Јовановски, а правото да излезат на избори ќе го обезбедат со собирање на потписи. На листата нема да бидат само членовите на „Зелен хуман град“ туку и обичните граѓани.
-Имајќи ја предвид долгогодишната злоупотреба на граѓанскиот глас од страна на партиите, имајќи ги предвид изневерената доверба, исклучувањето на граѓаните од процесите на носење одлуки се решивме на ваков чекор бидејќи ова е буквално единствениот начин како ние граѓаните можеме да се вклучиме во процесите на носење на одлуки и да одлучуваме за локалните прашања кои најмногу нѐ засегаат, рече Велковска.
Граѓанската иницијатива „Зелен хуман град“ е составена од долгогодишни активисти, волонтери за заштита на животна средина, за заштита на животни и за социјална правда. Одлуката следува откако ниту еден од предлозите на платформата „Зелен Хуман Град“ кои доаѓаат од граѓаните не беа прифатени од градските власти.