Пратеникот Мухамед Зекири во моментот сведочи во Кривичниот суд, за насилството што се случи на 27 април 2017 година во Собранието.
Тој појасни дека додека лидерот на СДСМ, Зоран Заев и Талат Џафери давале изјави во прес салата, тој заедно со уште неколку колеги и колешки биле во галеријата.
-Додека зборуваше Џафери, на мониторите видовме дека вратите на Собранието се отворија и толпата почна да влегува. Прв на мета беше Заев, кој почна да крвари од челото. Јас заедно со четири колешки се засолнивме во една од кабините за превод во галеријата, и од таму гледавме што се случува во прес салата, сведочеше Зекири.
Тој истакна дека во тој момен биле нападнати пратениците Павле Богоевски и Фросина Ременски.
– Напаѓачите ме бараа и мене. Викаа каде е Муки, каде е шишптарот, а ме повикуваа и со други навредливи зборови. Тогаш се обидоа да ја отворат вратата од кабината, но не можеа, а Ременска им рече дека таму нема никој, рече пратеникот.
Зекири појасни дека во кабината останале повеќе од два часа.
-Тоа што ми остави впечаток е едно лице кое со раката држеше пиштол. Беше во прес салата и не беше во првиот ред. Дури во еден момент пиштолот му испадна па се наведна да го бара, рече Зекири.
Тој го опиша лицето со пиштолот, па рече: “Носеше црна маица, беше ќелав и со брада”.
Тој додаде дека видел уште две лица кои носеле оружје, за кои подоцна дознал дека се од собраниското обезбедување.
-Кога толпата беше најгневна се слушна истрел од обезбедувањето на Оливер Спасовски. Толпата како да се потсмири но продолжија да напаѓаат. Тогаш дојдоа пратениците Никола Тодоров и Влатко Ѓорчев. Тодоров брутално беше истеран, а Ѓорчев остана во првите редови да ги брани пратениците., рече Зекири.
Тој истакна и дека во прес салата имало луѓе со фантомки, кои ја координирале толпата.
-Овие луѓе со фантомки им кажуваа на останатите кога да напаѓаат а кога да се смират, се присети Зекири.
Тој во своето сведочење рече и дека заедно со колешките со кои бил затворен се чуделе зошто не интервенира полицијата, бидејќи внатре биле повеќе од два часа.
-Се чудевме зошто полицијата не интервенира. Се молевме да почне некаква интервенција зошто животите ни беа во опасност. Стана загушливо и знаевме дека нема да издржиме уште многу. Потоа ја слушнавме првата шок бомба, по што знаев дека конечно полицијата влезе во Собранието, рече Зекири.