Граѓаните во првиот круг од претседателските избори ни пратија порака за отрезнување, бидејќи некои функционери летнаа во облаци, вели потпретседателот на СДСМ Мухамед Зеќири во интервју за МКД.
-Мислам секако на функционери од партијата – директори, министри и градоначалници. Граѓаните се причината што сите ние сме дел од извршната, законодавната и локалната власт. Некои, за жал, тоа го заборавија и се поставија над граѓаните, кои во првиот круг од претседателските избори ни пратија јасна порака да се отрезниме. Граѓаните се тие што секогаш знаат да наградат, а богами и да казнат. Власта легитимитетот го црпи од граѓаните и од никого друг – вели Зеќири.
Според него, на изборите немало бојкот од ДУИ туку на виделина всушност излегла реалната слика за тоа колку во моментов тежи партијата.
-Малиот одзив кај Албанците е поради нивната разочараност од нивните политичари. Тоа не е порака само до ДУИ, туку и до албанската опозиција. 80 илјади гласови за Блерим Река не се гласови на опозициските Алијанса за Албанците на Зијадин Села и Беса на Билал Касами. Добар дел од тие гласачи ја дале поддршката водејќи се од етничката припадност на кандидатот, или гласале за да пратат порака на партиите на Албанците што се дел од извршната власт, пред се на ДУИ – вели потпретседателот на СДСМ.